Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев изјави дека владата ќе се заземе за решавање на проблемот што го имаат вработените во Веибо Груп од Кирва Паланка, кои протестираат и си ги бараат трите недоисплатени плати, иако како влада не може да даваат плати во приватни фирми. Тој истакна дека ќе се обидат да најдат инвеститор кој ќе ги вработи, доколку Веибо одлучи да престане да работи во земјава.
Анѓушев истакна дека имал два состанока за надминување на проблемот, а го поканил и сопственикот да дојде во земјава и да се изјасни дали има намера да продолжи со работа.
– Веибо е приватна компанија која долго време преговарала со поранешната влада за одредени субвенции и тука имало неодговорен однос од двете страни, а резултат на тоа е денешната ситуација која се случува во Крива Паланка, 200 вработени да останат без работа. Како Влада можеме да ги направиме сите можни чекори за да дојде соодветен инвеститор на местото на Веибо за да ги вработи тие луѓе во соодветната бранша. Имаме веќе неколку разговори на таа тема и ги замолувам вработените да бидат трпеливи, рече Анѓушев во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.