Ние сме тука да ја нагласиме потребата за продолжување на раководењето со општините со кои досега раководевме за да постигнеме поголеми резултати, порача лидерот на ДУИ Али Ахмети вечерва од митингот во спортската сала на Средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово.
– Слушнав дека од страна на припадниците на другите партии нашите кандидати биле напаѓани за проектите што сме ги направиле, но и за тоа што не сме направиле. Јас би им порачал на нашите противници да не зборуваат премногу за нашите достигнувња и проекти бидејќи само ако сакаат да ги набројат би им требало неколку денови. Но, народот ќе знае тоа да го цени и ќе реши кој ќе ја води локалната власт во следниот период, рече Ахмети.
Тој повторно упати апел до партиите да се придржуваат кон правилата за демократски и фер изборен процес, бидејќи, вели, на сите нам ни се потребни кредибилни избори.
– Ние и досега сме покажале вакви вредности и постојано сме работеле за подигање на стандардите, а секој знае дека ДУИ е најдобрата и најорганизираната партија бидејќи само така може да се унапредуваат состојбите. Со нашите залагања за фер и демократски избори ние сме се покажале и пред нашиот народ и пред меѓународната заедница, истакна Ахмети.
Кандидатката за градоначалничка на општина Тетово од ДУИ, Теута Арифи пак, рече дека секоја победа започнува со давање збор или заклетва и се обврза за борба за секој град да го добие она што го заслужува, за почит кон нашите граѓани и за иднината на нашиот град.
– Во овој четиригодишен мандат излегуваме со чисто лице во оваа борба, бидејќи за време на водењето на градот ги вложивме сите сили и бевме со граѓаните и во добро и во лошо. Кога ја презедовме власта пред четири години наидовме на нефункционални институции и хаос во инфраструктурата, но ние се вложивме себеси да ги надминее овие недостатоци и да создадеме еден град во кој е добро да се живее. Тоа не е било кој град, бидејќи Тетово е градот на Мехмед Паша Берала, град на два универзитета и најголем центар на нашата национална гордост. И затоа ние треба да работиме за негов просперитет и развој зашто имаме и аргументи, но и визија, рече Арифи.
Таа посочи дека Тетово е сега град без депонија со доволно вода за пиење, нови 20 километри патишта и голем потенцијал за развој, а како најголеми проекти за следниот мандат најави изградба на пречистителна станица за отпадни води и гасификацијата на општината и регионот.