Партиите повикаа СДСМ да се врати во процесот за Изборниот законик, Шасивари ќе бара средба со Филипче

Од:

Дијалогот за реформите во изборното законодавство треба да продолжи, а СДСМ да се врати во процесот и да ги повлече поднесените амандмани, беше една од пораките од денешниот консултативен состанок во Министерството за правда.

На средбата, иницирана од министерот за правда Јетон Шасивари, присуствуваа претставници на политичките партии застапени во Собранието, освен СДСМ.

Шасивари по состанокот изјави дека целта била да се разговара за отворените прашања и за чекорите со кои би се деблокирал процесот. Тој најави дека во следниот период ќе побара средба со претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

„Како министер за правда, мојата покана за разговор не беше покана за политичко надмудрување, туку за институционална одговорност“, рече Шасивари, додавајќи дека измените треба да бидат во согласност со европските стандарди и препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави иницијативата за продолжување на процесот, но оцени дека неговото одвивање е отежнато поради отсуството на СДСМ и поднесените околу 9.500 амандмани.

„Изборниот законик е нешто што се усогласува со консензус и важи за следните пет, 10, 15 или 20 години“, изјави Антонијо Милошоски, кој ја претставува партијата во работната група.

Милошоски посочи дека во процедура има и околу 4.500 амандмани од Левица. Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ го прифатило предлогот на ДУИ и Левица за финансирањето на политичките партии, додека за гласањето на дијаспората смета дека треба да се најде решение што ќе овозможи остварување на уставното право, вклучително и преку електронско гласање или гласање по пошта.

Од Левица, пак, го поздравија продолжувањето на процесот, но го критикуваа отсуството на СДСМ. Координаторот на пратеничката група Борислав Крмов рече дека партијата останува на барањата за една изборна единица и фер распределба на средствата за изборните кампањи.

Крмов додаде дека Левица е отворена и за целосно укинување на платеното политичко рекламирање, додека е против онлајн гласањето на дијаспората. Како можна алтернатива го посочи гласањето по пошта, но изрази резерви околу неговата практична примена.

Од ДУИ, Блерим Беџети порача дека партијата е за широк консензус и усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и европските стандарди.

„Мислам дека сме блиску и можеме сите да дадеме придонес за да го заокружиме овој процес“, рече Беџети.

Засега нема најава кога би се одржала следната консултативна средба.

Би можело да ве интересира

Коалициските партнери од Владата многу различно гледаат на изборниот исход во Брвеница

ВИДЕО: Голема прослава на ДУИ за победата во Брвеница

Катерина Ѓуровски

Левица: Под власта на ДПМНЕ, фондовите трупаат станови, а граѓаните се задолжуваат до пензија за еден

(ВИДЕО) Тренчевска: Вториот ребаланс е комплетен фискален пораз на неодговорната политика на власта – последиците ги трпат граѓаните

(ВИДЕО) Јанчев: 10 години народен отпор против рудниците, а Божиновска ја олеснува инвестициската клима за странскиот капитал

(ВИДЕО) Мециновиќ кон Божиновска: Ветивте ред во ова енергетско безредие – добивме „бунар без дно“ за богатење на вашите сопартијци