Јужноафриканската полиција прогласи „тревога на границата“ за Грејси Мугабе, сопруга на претседателот на Зимбабве Роберт Мугабе.
Во Јужна Африка, таа е обинета за насилство и затоа што во хотел во Јоханесбург, претепала една Јужноафриканка, нанесувајќи и повреди на главата.
Во вторникот, Грејси Мугабе (52) требаше да се јави во суд за сослушување, но таа не се појави, повикувајќи се на дипломатскиот имунитет, што го имала како „прва дама“ на Зимбабве.
Полицијата не знае каде таа се наоѓа, но се претпставува дека е на јужноафриканската територија, затоа што во земјата престојува и Роберт Мугабе, на Самиот на шефовите на држави и влади на земјите од југот на Африка.
Сопругата на Мугабе досега нема дадено никаква изјава за инцидентот.
Претставник на домашната полиција изјави денеска дека предупредени се граничните пунктови да внимаваат на обид за бегство на Грејси Мугабе, како и дека е даден налог, доколку се најде да биде приведена и изведена на сослушување во судот.
Јавноста во Јужна Африка бара таа да биде обвинета и осудена за она што го има направено и да плати казна за своето насилство.
Јужноафриканскте власти, меѓутоа, засега молчат за случајот со сопругата на Мугабе.
Нема официјална реакција ниту од властите во Хараре, освен што владејачката партија во Зимбабве, ЗАНУ на Роберт Мугабе, соопшти дека „мора да се почитува дипломатскит имунитет“ на Грејси, обвинувајќи ја за инцидентот Јужнофриканката, за која се вели дека таа го предизвикала целиот случај.
Грејси Мугабе, која е 40 години помлада од претседателот на Зимбабве, се смета за најсилен кандидат на ЗАНУ, за наследник на Роберт Мугабе.
Тој управува со Зимбабве уште од 1980 година и најави дека ќе се кандидира уште еднаш, на претседателските избори во 2018 година.
На своите симпатизери, 93-годишниот Мугабе им порача дека „само господ знае до кога ке ја води земјата“.