Исламска Република Мавританија вчера официјално соопшти дека ги прекинува дипломатските односи со Катар, јави телевизијата „Скај њуз – Арабија“, цитирана од ТАСС.
Осум држави – Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Египет, Јемен, привремената Влада на Либија, Малдиви и Маврициус – во понеделникот ги прекинаа дипломатските односи со Катар, обвинувајќи го дека ги поддржува исламските екстремисти и шиитскиот Иран.
Повеќето од овие земји соопштија дека донеле и други мерки, вклучувајќи и прекин на транспортните врски, економските и финансиските односи, прекин на банкарските операции, протерување на дипломати и катарски поданици од своите територии.
„Владата на Исламска Република Мавританија одлучи да ги прекине своите дипломатски односи со Државата Катар, затоа што поддржува терористички организации и ги поттикнува екстремистичките идеи“, се посочува во коминике на мавританското Министерство за надворешни работи, цитирано од француските медиуми.
Според мавританското МНР, Катар „создал хаос и тензии во многу арапски земји, што предизвика огромни хуманитарни трагедии во овие земји, во Европа и низ целиот свет“.
Мавританија е сојузник на Саудиска Арабија и ја поддржува нејзината воена интервенција во Јемен, забележуваат агенциите.