Претседателот на компанијата Алибаба Џек Ма го предупреди светот дека може да се соочи со повеќедецениска болка поради нарушувањата кои во различни сегменти на стопанството ќе ги предизвикаат интернетот и новите технологии.
Во обраќањето на еден собир на Клуб на кинески претприемачи во градот Џангџоу, кинескиот милијардер ја повика владата да спроведе реформи во образованието и истакна дека луѓето треба да работат на машините.
„Во наредните 30 години во светот ќе има многу повеќе болка отколку среќа, бидејќи ќе имаме многу повеќе проблеми на кои ќе наидеме” – рече Ма, зборувајќи за потенцијалното губење на работните места поради технологијата.
Основачот на една од најголемите светски платформи за електронска трговија, предупреди дека општествените конфликти ќе имаат „огромно влијание” на светот на индустријата и областите на животот, додавајќи дека пред 15 години одржал 200 до 300 говори за влијанието на е-трговијата и интернетот кое ќе го имаат на традиционалните компании, но малку луѓе го послушале „бидејќи не бил познат”.
Џек Ма, како што наведе CNBC, инвестирал и во области како што се cloud сметководство и вештачката интелигенција, бидејќи се шири на нови сектори надвор од бизнисот со е-трговијата. Тој предупреди дека каква било работа која не е поврзана на интернет во иднина ќе трпи. Исто така зборуваше и за подемот на роботите и вештачката интелигенција (AL), оценувајќи дека таа технологија ќе биде потребна за обработка на голема количина на податоци кои денес се генерираат, а кои човечкиот мозок не може да ги обработи.
„Меѓутоа, машините не треба да ги заменат луѓето на тие работи кои тие можат да ги работат, а технолошката заедница мора да се стреми кон производство на машини кои би работеле само тоа што луѓето не можат да го работат. Тоа машините ќе ги направи партнери, а не противници на луѓето” – рече Ма.
Тој призна дека вештачката интелигенција веројатно ќе влијае на тоа луѓето да живеат подолго, но ќе доведе и до се помал број на работни места. Според него, роботите можат да ги истиснат од работа дури и генералните директори од фирмите.
„За 30 години, на насловна страна на Тајм Магазинот најдобриот генерален директор на годината веројатно ќе биде робот. Тој подобро ќе памти од вас, побрзо ќе пресметува од вас и нема да се расправа со конкуренцијата” – рече Ма.