Со заеднички напори можеме да придонесеме за подобрување на севкупната социоекономска состојба и вклучување во европските иницијативи за социјална инклузија. Ова денеска го истакна министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими на конференцијата за социјална кохезија во Југоисточна Европа организирана од ЛСЕЕ истражувачката мрежа.
Ибрахими информира дека Владата особено внимание посветува на најранливите категории на невработени лица, пред се на младите и на оние кои се во социјален ризик.
– Доказ дека на социјалната инклузија и економското зајкнување на млади во социјален ризик им се посветува особено внимание е и Програмата за условен паричен надомест за субвенционирано вработување лица во социјален ризик која има за цел да ги поттикне работодавачите да вработуваат лица во социјален ризик, рече Ибрахими.
Тој потенцира дека значајни мерки се програмите за самовработување со кредитирање и за кредитирање правни субјекти за отворање нови работни места, а целна група се младите на возраст до 29 години. Се осврна на проектот „Македонија вработува 2“, кој претставува продолжување на „Македонија вработува 1“ и со кој, како што рече, се намали и дополнително се очекува намалување на невработеноста преку отворање нови работни места со опфат на различни категории невработени лица кои потешко стапуваат на пазарот на трудот.
– Во соработка и координација со ЕК, Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ, во изминатиот период интензивно работеше на Програмата за реформи во вработувањето и социјалната политика (ЕСРП), како една значајна сеопфатна секторска старетешка рамка која ги утврдува и ги презентира клучните предизвици, приоритети, политики, реформи и конкретните мерки во областа на пазарот на трудот, вработувањето, образованието и социјалната политика за периодот до 2020 година, рече Ибрахими.
Нагласи дека значајна е и Националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост за 2010-2020, документ кој ја отсликува интенцијата на Македониај за изедначување на степенот на вклученост и добросостојба низ сите слоеви во општеството.
На дводневната конференција учествуваат експерти од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Албанија…