Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека е неопходнa потврда за присуството на ЕУ во регионот на југоисточна Европа, бидејќи на тој начин, тврди, ЕУ го маркира просторот и го насочува натамошниот развој на регионот.
Хрватскиот премиер при пристигнувањето на самитот на лидерите на ЕУ најави дека по подолго време во заклучоците на Европскиот совет повторно ќе се најдат и зборови на охрабрување и поддршка за земјите од југоисточна Европа, кои се наоѓаат на патот кон ЕУ.
– За мене е битно да испратиме порака дека ЕУ е присутна, дека се грижи за овие земји и дека на тој начин го маркира просторот и насоките за нивниот натамошен развој, порача хрватскиот премиер пред денешната расправа за Западен Балкан во Брисел.
Пленковиќ нагласува дека за Хрватска е посебно битно да се разговара за ситуацијата во државите од регионот каде има напнатост, при што како примери ги наведе Македонија и БиХ.
– За Хрватска е важно да продолжи овој процес на проширување. Ние последни влеговме, имаме најсвежи искуства и им помагаме на сите наши соседи во исполнување на критериумите, изјави премиерот на Хрватска.