Ослобоѓење – Сараево
Меѓу историјата на мафијата и тешките морални и социјални шокови на нашата повеќегодишна транзиција постои очигледна врска. Насилства, политичка и секаква друга корупција е нивниот заеднички именител.
Многу големи филозофи и писатели имаа крајно негативен став како кон религиските догми, така и кон лицемерието на свештенството. Класично дело од таков вид е славната „Пофалба на лудоста” на Еразмо Ротердамски, силна критика на постоечкото општество кое се гуши под сопствената лудост и глупост. Лудоста владее и во Црквата, меѓу папите.
Еразмо смета дека љубовта е највисок закон на кој се останато треба да биде подредено. Неговата славна реченица „Пофалба на лудоста” гласи: „Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата”.
„Пофалбата на лудоста” се смета за своевиден манифест на христијанските доблести, манифест на борба против човечките глупости и недостатоци, па денес треба повторно да се чита. „Ќе ја сфатам Црквата сериозно кога нејзините духовни водачи ќе прозборат на јазикот на сите и кога и самите ќе живеат опасен и беден живот како што е животот на мнозинството” – пишувал францускиот нобеловец Албер Ками, додека на Наполеон Бонапарта се припишува следната изјава: „Религијата ги чува богатите од гневот на сиромашните”.
Турскиот нобеловец Орхан Памук, автор на многу популарни романи посебно на Западот, тврди од својот семеен, а и од поширок општествен контекст дека религијата не е потребна на богатите, туку само на бездомниците, страдалниците, гладните… А на богатите само од пристојна дистанца да им се каже: „Господ да ви помогне”.
И Крлежа „војуваше” со Црквата, иако знаеше да каже дека тоа е опасна работа. Според книгата на Синтија Крошен „Богаташите и како станале богати”, еден од најбогатите луѓе на сите времиња бил папата Александар VI, кој се збогатил со корупција и проневери. Неговата ризница чувала богатство, скапоцености и таписерии. Се смета за најкорумпиран папа во историјата. Живеел живот на ренесансен принц и бил мецена. Имал многу деца, меѓу кои е и Лукреција Боргија.
Славниот американски глумец Ал Пачино, добитник на Оскар за главната улога во филмот „Мирисот на жената”, роден во 1940 година во Њујорк од таткото Салваторе италијански имигрант и мајката Роса, Американка, пораснал во сиромаштија. Многу сакал да има велосипед, но родителите не можеле да му ја исполнат таа желба.
„Татко ми ми рече да воспоставам врска со Господ и од него да побарам велосипед” – зборувал подоцна Ал. „Знаев дека Господ не функционира на тој начин. Затоа отидов во соседната улица, украдов велосипед и го молев Господ за прошка”. Иако уште како дете покажувал талент за глума, Ал не можел ни да сонува дека по 40 години повторно ќе бара прошка од Бога, но овој пат со енормно висока цена.
Како прв њујоршки мафијаш, на врвот на својата моќ, под името Мајкл Корлеоне, основал донација наречена по името на својот татко Дон Вито Корлеоне и влегол во сомнителни дејности со Ватикан. Во една секвенца на генијалниот филм на Копола „Кум 3” во кој Ал Пачино го игра Мајкл Корлеоне, папата бара од него да вети дека ќе им помага на болните и сиромашните.
Мафијашот кој богатството го стекнал со обивање на банки, уцени и брутални убиства, вклучувајќи го и убиството на сопствениот брат Фред, клечејќи пред папат дава ветување и прима орден од Редот Св. Себастијан.
Гревовите, значи, биле простени, крвта од рацете на Мајкл била измиена. Но, Ватикан е во голема финансиска криза и од Мајкл бара се повеќе и повеќе пари. Крајот на оваа генијална филмска трилогија е познат.
Кој знае нешто од историјата на сицилијанската мафија, сфатил дека неа не би ја имало без директно вмешување на Црквата. Мафијашите, по правило, биле побожни луѓе. „Ме води верата, а не дрво на кајче” – гласи една позната сицилијанска изрека.
Тие на Црквата давале значајни финансиски средства и богати подароци, а таа за возврат им ги простувала гревовите и им дарувала дрвени крстови, под изговор дека е должна да се грижи за сите, па и за нивните души. Криминалот, фамилијата и Црквата биле култ за секој мафијаш.
Црквата им давала прошка за кражби и убиства, а дури некои мафијашки „кумови” имале дури и нејзина директна заштита. Тие секогаш настојувале да бидат близу Бога и свештениците. Не сакав оваа колумна да биде сведена само на извесни занимливости и не би се бавел со оваа тема, ако меѓу неа и тешките морални и социјални шокови на нашата повеќегодишна транзиција не постои очигледна врска. Насилства, политичка и секаква друга корупција им е заеднички именител.
Каде се парите и власта, тука е и Црквата. Впрочем, сите знаеме кој веќе со години седи во првите редови на нашите богомолци. На виделина избија афери, како тие во Захумско-херцеговската парохија, каде имаше и финансиски малверзации, а потоа мафијашки уцени и рекетирања.
„Ми забележуваат дека во устата на својот Тартуфе ставам побожни зборови, но како тоа да се избегне ако сакав верно да покажам лицемерие” – своевремено признал Молиер, еден од најголемите комедиографи на сите времиња. Колку се тие меѓу нас кои се препознаваат во овие зборови на Молиер. При што, секако, немам никакви илузии притоа да ги обземе и најмал срам.