Во Прилеп и на Рудина кај Долнени денеска и утре ќе се одржи 41 фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.
Според уметичкиот директор на фестивалот Родна Величковска, фестивалот полни четири децении го негува традиционалниот македонски фолклор.
– Од 500 пријавени, комисијата за селекција избра 300 учесници од сите краишта на Македонија, а 20-ина кои учествуваат на семинарот се од Русија и Србија. Задоволството е големо овие денови посебно што на семинарот гостите од странство го изучуваат македонскиот изворен мелос. Ансамблот „Волја“ од Вороњеж, Русија го изучува традиционалното пеење, а гостите од Србија народните инструменти, рече Величковска.
Фестивалот почнува вечер во 20 часот со дефиле на сите учесници по булеварот „Гоце Делчев“ во центарот на Прилеп, а првата фестивалска вечер со учесниците на камената бина на плоштадот „Александрија“.
Утре од 11 часот во киното „Мис Стон“ ќе се одржи презентација на филмот за јубиленото 40 издание на Фестивалот, а од 12 часот во галеријата од Домот на културата „Марко цепенков“ е трибината на тема „Влијанието на фестивалот во зачувување на македонскиот изворен мелос во Македонија и надвор од неа“.
Градоначалникот на Долнени, Боше Милошески информира дека утре попладне учесниците ќе настапат на Рудина кое е изворниот почеток на овој Фестивал.
– Фестивалот е нашата традиција, нашите изворни корени. Го уредуваме просторот на Рудина, а до година и ќе се урбанизира. Долнени е горд со претставувањето на македонското изворно нкултурно наследство. Ќе присуствува и претседателот Ѓорге Иванов, вели Милошески.
Според Илчо Јованов, претседател на Советот на фестивалот, новите генерации млади и студенти се вљубени во изворните инструменти: тапанот, гајдата, кемането.
Досега, во четирите децении одржување на фестивалот учествувале преку 9.000 исполнители на народни инструменти и песни од земјава и од речиси сите континенти.
В сабота фестивалот ќе ги додели наградите – Гран при, наградата за најдобри изведувачи и гајдата на „Пеце Атанасовски“ за најдобар странски изведувач на гајда, а ја обезбедува општина Долнени.