Малезија ги започна операциите за спасување на бегалците од Мјанмар

Од:

Малезискиот премиер Наџиб Разак денеска соопшти дека издал наредба морнарицата и крајбрежната стража да ги започнат операциите за спасување на бегалците од Мјанмар и Бангладеш, кои неколку недели безнадежно бараа пристап на копното во Малезија, Тајланд и Индонезија. Во бродовите на кои до сега не им беше дозволен пристап до копното, се наоѓаат најмалку 7.000 припадници на племето Рохингја, најголем дел државјани на Мјанмар.

Одлуката да им овозможат пристап до островите и да им обезбедат привремено сместување, лекови и храна, вчера донесоа министрите за надворешни работи на Малезија, Тајланд и Индонезија. Одлуката е донесена и под силен меѓународен притисок да се спречи хуманитарната катастрофа во Бенгалскиот Залив. Обединетите нации соопштија дека ова е најголемиот егзодус со бегалци во Азија, забележан по завршувањето на Виетнамската војна.

Министрите за надворешни работи на Малезија и Индонезија денеска допатуваа во Мјанмар со цел да ги убедат тамошните власти да почнат да соработуваат за решавање на проблемот. Со иста цел денеска во Мјанмар претстојува и заменик државниот секретар на САД Антони Блинкен, кој најави дека Соединетите Американски држави се подготвени да прифатат дел од бегалците.

Најголем дел од бегалците се од Мјанмар, а дел од Бангладеш. Сите се припадници на малцинското муслиманско племе Рохингја, кои со децении се изложени на верска тортура и живеат во голема сиромаштија. Се претпоставува дека над 35.000 припадници на племето од септември минатата година до почетокот на мај годинава пребегале во Малезија, или се обиделе да го направат тоа. Голем дел од нив се жртви на илегалните трговци со луѓе, чија мрежа на почетокот на мај беше откриена и пресечена во Тајланд.

Би можело да ве интересира

Тајфунот Јаги усмрти најмалку 74 лица во Мјанмар

ВИДЕО: Во воздух се судрија два малезиски воени хеликоптери, загинаа десетмина

Малезија бара нова истрага за исчезнатиот МХ-370

А1он

Малезија има нов крал

Воен авион од Мјанмар се излизга од пистата при слетување, има повредени

Малезија: Најмалку 10 загинати по авионска несреќа на автопат