Дојче веле – Берлин
Во многу земји во Европа веќе е забрането да се продава алкохол на малолетници, но не во Португалија. Сеуште не, новиот закон веќе се подготвува, но младите Португалци не ја разбираат смислата на тој закон.
Во доцните вечерни часови е многу весело во Јардим де Сантос, мал парк во Лисабон недалеку од брегот. Тоа одлично го знаат младите од главниот град на Португалија. Дури и по полноќ, сите клупи се полни, групи млади луѓе стојат под дрвјата и весело разговараат. Кружат шишиња, пластични чаши, многу се пие и пуши. Се на се, тоа е еден нормален петок за овој дел од Лисабон.
Португалија по потрошувачка на алкохол е на врвот на скалата на ЕУ. Во многу земји се пие се помалку, но на запад единствено жителите на Андора пијат повеќе од Португалците. Жителите на речиси сите источни земји на ЕУ се тука во повисоката лига: таму се пие уште повеќе.
Затоа и Владата на Португалија се одлучи да воведе закон кој веќе одамна е во сила во другите земји во Европа: алкохол повеќе нема да смее да се продава на помлади од 18 години. Се подготвуваат и нови закони за нарушување на јавниот ред, па така набрзо треба да се стави крај и на таквите забави под ведро небо кои траат до зори.
Во два часот фајронт
Мануел Кардосо е заменик-директор на португалскиот Оддел за борба против наркотици и зависности СИКАД. Јасно му е дека е невозможно целосно да се забрани конзумацијата на алкохол на јавни места, но тоа треба барем да се ограничи. – Сакаме да го намалиме периодот во кој се пие на јавни места, вели овој службеник. Новиот закон предвидува таквите прослави да мора да завршат во два часот по полноќ.
Новите прописи посебно ги бараат жителите на стариот дел од градот. Во целиот кварт Баиро Алто луѓето се жалат поради вревата, но и поради нечистотијата и отпадот кои ги оставаат младите по таквите забави.Во Португалија инаку се живее на улица, а како што станува се потопло, така прават сите и сакаат да пијат на отворено. Но, Кардос се жали дека не било лесно да се преземе нешто околу тоа.
Младите во Јардим де Сантос не ги разбираат таквите прописи. Даниела има 18 години и со нејзиното друштво стојат околу мала маса со многу пластични кеси и шишиња евтина вотка. Се веселиме, се забавуваме и се сретнуваме со пријателите, вели таа. Паркот е всушност само едно место во ноќната забава. – Тука ќе поседиме уште малку, а потоа одиме во некој ноќен клуб. Можеби во диско или некој бар. Иако е веќе доцна во ноќта, ова е само вовед, по диското можеби повторно сите ќе се вратиме тука, ако бидеме трезни.
Знаеме, о знаеме дека алкохолот е штетен…
Преку паркот е барот Алл Саинтс и таму има голема галама. Педро и неговото друштво се во тие барови, но посетуваат и други места. Сите се на 16 години и никако не се воодушевени од плановите на Владата. Никаков алкохол за млади под 18 години, па тоа е безумие! се лути Педро. Жестоките пијалоци за нив веќе се забранети, тоа е во ред. Но, зошто сакаат да им забранат едно пиво или чаша вино?
Мануел Кардосо пак одговара дека е јасно дека секој алкохол е штетен, значи и пивото и виното, а одамна е познато дека тој посебно е штетен за малолетници. Должност на државата е да се грижи за здравјето на своите граѓани, а стариот закон очигледно не успева да ја пренесе таа наша порака, објаснува Кардосо.
Порано во Португалија и малите се хранеле со супа од вино за јакнење, но проблемот е што колку толку разумните стари обичаи се променија. Имено порано речиси сите пиеле чаша вино за ручек, но денес се пие многу помалку. Сега се пие поретко, но некогаш многу повеќе од една чаша вино. Тогаш тоа не е ручек или вечера, туку вистинско опивање.
Не сме ние виновни што сме Португалци
Келнерот во барот Прохибитион, Серџо Серано се буни дека само тие се сметаат за виновници за опивањата. – Ако ние нема да смееме да точиме алкохол на млади под 18 години, се надевам дека тоа ќе важи и за продажбата на алкохол во продавниците и бензинските станици, бидејќи и тие се отворени цела ноќ. По некоја чашка алкохол е дел од тамошната култура, а не на кривичен закон и работниците во угостителството не сакаат сега да излезат жртвени јагниња на овие апели на народното здравје.
Кардосо главно се согласува со келнерот: Навиките во конзумацијата на алкохолот можат да се променат само со воспитување, а некакви забрани тешко можат да се проверуваат. И во европските земји каде веќе одамна е забранета продажба на алкохол на малолетници, тие одлично знаат како и каде можат да набават алкохол, ако тоа навистина го сакаат. Но, Португалија тука е само на почетокот и овој нов закон кој треба да се донесе овие месеци, барем треба да почне да ги менува тие навики.
Речиси е три часот по полноќ и во паркот Сантоса сеуште е пријатно и топло, со голема врева. Шестнаесет годишниот Педро и неговото друштво веќе одамна заминале во некој бар, а Даниела и нејзините пријатели во меѓувреме се преселија на тревникот и кружи последното шише вотка. Наоколу има барем уште стотина млади кои пијат и разговараат.
По паркот поминува еден постар полицаец со својот колега на должност. Всушност тргнале кон квартот Биц, јавено им било дека таму е уште по диво од овој парк. – Но дека сето тоа ќе престане само затоа што ќе биде донесен нов закон, во тоа сигурно никој нема да поверува, ни вели полицаецот.