На маргините на самитот Азија-Африка, што денеска завршува во главниот град на Индонезија, Џакарта, повеќето од 33 шефови на држави и влади и над 70 високи полтички претставници на двата континенти ги усогласуваа и прашањата околу делувањето на новопрокламираната Азиска Банка за инвестиции во инфраструктурата, АИИБ.
Новата Банка, што со 100 милијарди долари почетен капитал што најмногу го обезбедува Кина, треба да профункционира кон крајот на годинава и да биде конкурентен пандан на водечките, Светската банка и Азиската банка за развој.
Според анализа, направена од моќната Азиска Банка за развој, во Азија за нови проекти во инфраструктурата до 2020 година ќе бидат вложени осум илјади милијарди долари. Со капиталот од 223 милијарди долари со кој располага Светската и 169 на Азиската банка, за финансирање во сите области, амбициозните развојни планови на азиските држави не можат да сметаат на посилна поддршка, па затоа овие држави ќе го преземат прашањето за развој во свои раце.
Оснивачите на АИИБ најавија дека новата Банка ќе стартува со капитал од 100 милијарди долари и дека тоа ќе бидат „поволни кредити и чисти пари’’. Тој капитал, се смета, ќе биде доволно конкурентен на понудата на сегашните водечки глобални банки кои, воглавно, својата политика ја подредуваат на интересите на САД и Јапонија.
САД уште од почетокот беа против идејата за оснивање на нова глобална банка и ја одбија понудата да бидат меѓу основачите. Меѓутоа, до сега 50 држави ги потпишаа пристапниците за членство во новата банка. Најголемо изненадување беше пристапувањето на Велика Британија кон АИИД, иако на ова отворено се спротиставија САД, а по Лондон пристапници потпишаа и Франција, Германија и Италија.
Во новиот финансиски светски клуб се речиси сите држави со поразвиени економии од Азија, а по првичните одбивања кон оснивачите се придружија Индонезија, Австралија и Јужна Кореја. Од арапскиот свет пристапници веќе имаат Саудиска Арабија, Обединетите емирати и Катар.
Јапонија јасно стави до знаење дека ќе ја бојкотира новата Банка, а во неа немаше место за Бутан, Папуа Нова Гвинеја и Авганистан.
Пријави за членство во новата банка за развој на инфраструктурата во Азија доставија и Северна Кореја и Тајван, но, најмногу од политички причини, тие се одбиени.