Две години од смртта на Никола Младенов

Од:

Денеска се одбележуваат две години од трагичната неочекувана смрт на бардот на македонското новинарство, Никола Младенов, сопственик на неделникот и дневниот весник „Фокус“.

Својата новинарска кариера ја почнува во весникот „Млад борец“, откако претходно се занимавал со актерство. Во овој весник ги поставува темелите на плуралистичките правила во македонското новинарство. На 23-ти јуни 1995 година од печат излегува првиот број на дневниот весник „Фокус“, кој претставува прв слободен и независен седмичен весник во Македонија. Во 2011 година, пак, го отвора истоимениот дневен весник.

nikola-mladenov-kameni1

Младенов загина ноќта на 26-ти март 2013 година во сообраќајна несреќа на влезот од Скопје, на клучката кај скопската населба Хиподром, додека се враќал од Велес.

Според истрагата, причина за смртта е оштетување на аортата откако возилото со кое управувал удрило во банкината, излетало од патот и неколку пати се превртело. Како што соопштија од Јавното обвинителство настанот бил несреќен случај, а се должел на преголема брзина неприлагодена на траекторијата на патот.

Две години по смртта, во јавноста не стивнуваат сомнежите дека ненадејното заминување на Младенов не е несреќен случај. Како недоследности во истрагата се посочува тоа што не беше најден неговиот мобилен телефон преку кој бил лоциран, поради тоа што токму таа вечер не работеле видеокамерите на автопатот Скопје – Велес, како и мистериозноста околу неговото одење во Велес.

mladenov-624x320

Во прилог ја реобјавуваме неговата колумна објавена во првиот број на дневниот весник „Фокус“ каде се наоѓа сега веќе познатата максима „Ние сакаме општество на слободни луѓе, тие сакаат збирштина од безрбетници. И тука нема компромис!“

„После 16 години, неделникот „Фокус” прераснува во дневен весник. Во 1995-та, тој беше со нетрпение чекан од приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ. Денес, пак, на него се радуваат блиските на СДСМ. На почетокот бевме етикетирани како вмровци, денес сме жигосани како комуњари. Нормално, од власта. Или, поточно, од политичките партии, кои својата превртливост сакаат да ја оправдаат со некаква наша недоследност. Демек, ние сме биле тие што сме ја менувале страната. Вистината, пак, е сосема спротивна. Политичките партии беа тие што ги менуваа ставовите, зависно од тоа, дали стануваа власт или заминуваа во опозиција. Штом ќе се добереа до власта, веднаш почнуваа да мрштат чела на се што ќе се дрзне да ги критикува. Паднеа ли од неа, автоматски вклучуваа мозок и го констатираа отсуството на можноста за слободно мислење и негово јавно изразување.

Во тие моменти, среде паднатите властодршци, „Фокус” в миг се трансформираше од црн ѓавол, кој не им давал мир додека владееле, во безмалку единствен простор за пласирање на нивните опозициски мислења! Очигледно, ништо не се променило во политички плуралната Македонија. Таа е само формално таква, а во суштина е сестра-близначка на социјалистичката и претходничка. И денес, како и тогаш, власта не бира средства во битката со оние што не мислат како неа. Настојува да ги замолчи на секој можен начин. Едни паѓаат на привилегиите што им ги нуди, други пропаѓаат во монтирани процеси од секаков тип, до кои никогаш не би дошло, доколку жртвата свиткала кичма и продолжела да пее по владеачките ноти. Законот повторно не важи за сите. Тоа, пак, не води до непомирливиот спор меѓу „Фокус” и секоја власт.

Ние сакаме општество на слободни луѓе, кое нуди еднакви шанси за сите, тие сакаат збирштина од безрбетници, кои успеваат благодарејќи на слепата послушност на партиското племе. И тука нема компромис! За да дојдеме до посакуваната цел, за да станеме дел од современиот европски свет, ние мораме да создадеме простор за различното мислење, кое ќе се соопштува без страв од било какви последици. За таа цел, неделната доза се покажа недоволна, па, еве, стигнавме до дневен „Фокус”. Во таа битка вложуваме се. Го заложуваме сопствениот личен и професионален интегритет.

Неделниот „Фокус” ги вложува сопствените средства во дневното издание, за да остане свој, за да можеме секому да му кажеме што мислиме. Но, многу повеќе, за да ги охрабриме сите граѓани, да знаат дека не се сами во желбата за создавање услови за живот, достоен на времето што го живееме. Со таа мисла, ве повикувам на ова возбудливо патување, кое на крајот ќе покаже дека нема цена, која не вреди да се плати за да се стигне до слободата. Само така ќе стигнеме до Македонија, во која народот ја контролира власта, а не таа него. Која и да е!“ – Никола Младенов, 16. ноември 2011.

Би можело да ве интересира

Дисциплински мерки за несоодветно постапување на полициски службеници со новинарка од Фокус

ЗНM: Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди во корист на „Фокус“ во случајот против Сашо Мијалков

А1он

Жерновски ќе тужи: Не сакам моите деца да мислат дека татко им е криминалец

Ана Ололовска

Општина Центар: Жално е што „Фокус“ пласира тенденциозни и манипулативни текстови за да се оцрни работењето на Жерновски

Ана Ололовска

МИМ го објави 16-тиот конкурс за новинарската награда „Никола Младенов“

Ана Ололовска

Уставен „пресече“ против „Фокус“ а во корист на Мијалков

Емир Латифовиќ