Во судирите меѓу камерунската војска, на крајниот север од земјата, и нигериската исламистичка група Боко Харам погинале 91 лице, од кои петмина се војници и 86 припадници на оваа терористичка група.
Портпаролот на камерунското Министерство за одбрана, полковник Дидијер Баџек, изјави дека до судирите дошло во понеделникот во областа Ваза, во близина на границата со Нигерија.
Повикувајќи се на изјави на војници, француските медиуми пренесуваат дека припадниците на Боко Харам од заседа ги нападнале војниците и дека пресметката траела речиси три часа.
На крајниот север од Камерун од август минатата година се распоредени повеќе од 2.000 војници.
Истовременео, воени претставници соопштија дека повеќе од 1.000 лица, за кои има сомнение дека имаат врски со Боко Харам, се приведени во градот Маруа.
Групата Боко Харам под своја контрола држи дел од територијата на североистокот на Нигерија, но таа стана и регионален проблем бидејќи изведува напади во Нигер и Камерун, а од пред извесно време и во Чад.