Да си различен не значи и да си нерамноправен. Токму затоа еден од основните столбови на современа демократија е идејата на рамноправност базирана врз императивот за еднакви можности за сите. Во оваа насока нашата амбиција и активности кои ги преземаме како Влада се да поттикнеме општество кое соодветно ќе им пристапува на разликите и истовремено ќе биде свесно за предностите на различноста, порача министерот за труд и социјаслна полтика Диме Спасов по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лица со инвалидност – 3 декември.
Лицата со инвалидност се една од категориите кои заслужуваат посебно внимание на овој план, рече тој, додавајќи дека предусловот е не само да се овозможат оптимални услови за интеграција, туку и да се обезбеди разбирање за инвалидноста како појава која не ја исклучува перспективата за здрав и среќен живот.
– Овој ден треба сите нас општествени чинители да не потсети, да не мотивира, но и да ја подигне јавната свест во општеството дека различностите на лицата со инвалидност не се недостаток, туку способност плус, дека лицата со инвалидност се рамноправни граѓани на нашето општество и оти сите заедно треба да помогнеме во подобрување на нивната положба, потенцира Спасов.
Тој информира дека во 2015 година во јули ќе се воведе паричен надомест, односно посебен додаток за сите деца со Даунов синдром во Република Македонија, оти се планира зголемување од 25 проценти на посебниот додаток кој се дава на родители на деца со пречки во развојот, за оние семејства кои се материјално необезбедени и во потешка финансиска положба, како и дека е планирано рефундирање на средствата до 80 проценти за царина и данок и други давачки за набавка на возило за сопствени потреби за лицата со телесен инвалидитет и за потполно слепите лица.
Спасов рече дека како Влада и надлежно Министерство изминатиов период реализирале повеќе активности за подобрување на повеќе аспекти од нивниот живот. Тука ги напомена воведувањето парични права кои го помагаат нивниот живот, како додаток за мобилност за телесни инвалиди, за слепило за потполно слепите лица, воведување паричен надоместок и за потполно глувите лица, проекти кои, како што рече, ги реализираат изминативе години и значат голема материјална поддршка за овие лица и нивните семејства.
– Реализираме и проекти кои треба да ги направат институциите попристапни до овие лица, а истото го правиме и со јавните површини. Во август годинава изменивме повеќе закони со кои се воведе задолжителна обврска за пристапни патеки, потоа пешачките премини да бидат пристапни за слепите лица и за лицата со инвалидност, станбените и деловните објекти задолжително да бидат прилагодени за овие лица…, потенцира министерот за труд и социјална политика.
Се реализираат, додаде, и други проекти за обезбедување дополнителни помагала за потполно слепите лица и за лицата со оштетен вид, изградба и отворање дневни центри за згрижување лица со попреченост, воведување нова методологија за проценка на инвалидноста на децата со пречки во развојот со цел детектирање на нивните способности.
Како уште една голема придобивка за овие лица, министерот Спасов го напомена и законот за вработување лица со инвалидност со квотен систем кој е во изработка и за кој се реализираат јавни расправи.
Владимир Јовановски, од Националниот совет на инвалидски организации посочи дека инвалидните лица имаат широк спектар на потреби, за чие задоволување, како што рече, треба да се реализираат мерките опишани во Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност. .
Изминатите години, рече Јовановски, има многу придобивки за овие лица. Една од поголемите, според него, е воспоставената соработка со повеќе министерства во чија надлежност е решавањето на одредени проблеми со кои се соочува оваа група граѓани.
– Се обидуваме чекор по чекор да го подобриме животот на лицата со инвалидност. Работиме на законот за вработување на лица со инвалидност, на обезбедување непречен пристап до градбите кој е мошне битен за нашите членови, бидејќи архитектонските бариери се основна пречка во животот на лицата со телесен инвалидитет. Оттука почнуваат сите проблеми, од образованието преку вработувањето и воопшто животот на овие лица, рече Јовановски.
Република Македонија ја има ратификувано Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност во 2011 година.