Коњите за секогаш го променија животот во Големите рамници. Тие овозможиле на племињата да ловат повеќе бизони од кога било и донесувале надмоќ на воините. Почнале да ги ценат како вид на богатство. За денешните староседелци на Америка коњите и понатаму се симбол на традицијата и извор на гордост, помпа и исцелување на заедницата.
Во тесниот северен дел на Тексас моќното коњичко царство на Команчите во септември во 1874 година доживеало еден тажен крај. Овој настан наговестил длабоки промени на Големите рамници, бидејќи племето Команчи било меѓу првите и нај успешни племиња во користењето на коњите кои се појавиле со доаѓањето на шпанските конкистадори. Станале вешти, сурови и дури и победнички воини на коњите, кои ги тероризирале своите индијански соседи и жестоко ги напаѓале за да го спречат ширењето на белите доселеници, кои масовно ловеле бизони и на рамна нога се спротивставувале на војската на САД. А потоа, на 28 септември во 1874 годфина главниот воин на Команчите заедно со извесен број на сојузниците Кајови и Чејени, со своите семејства биле фатени во небранет простор, сред своите вигвами, на местото кое се вика кањон Пало Дуро.
Нападот го извел Четвртиот коњички полк под команда на полковникот Раналд Слајдел Мекензи, со седиште во Форт Кончи. Бидејќи Команчите и нивните сојузници биле изненадени на препад и ги истерале од нивните живеалишта, луѓето на Мекензи ги запалиле вигвамите, ги уништиле резервите за храна и ќебињата и со над 1000 запленети коњи се прегрупирале на краевите на кањонот. Индијанците се разбегале без коњи. Мекензи со своите трупи одмарширале назад во логорот, кој бил оддалечен 32 километри и следното утро наредил сите коњи, освен неколку стотици, да се убијат.
– Пешадијата ги врзала нервозните коњи и ги одвеле пред стрелачките одреди – како што стои во книгата на С. Ц. Гвин за Команчите – Царството на летниот месец.
– Се се завршило со огромен број на мртви коњи, 1048 коњи се тврди во воените извештаи. Таму скапале, а нивните коски со години бледеле на сонцето, создавајќи гротескен споменик кој означил крај на доминацијата на коњичките племиња во рамниците. Незначителен број на преостанатите Команчи, предводени од својот голем воен поглавар Кван Паркер, пропешачиле 320 километри на исток до Форт Сила, тогашна индијанска територија и се предале.
Речиси 150 години подоцна Тован Спајви историчар на Команчите и самиот со потекло од Чикасава, седи во дворот пред својата куќа во Данкан, во Оклахома и ми раскажува за овие настани. Масакрот на коњите, вели, е скршена кичма на отпорот. Целата облека од штавена бизонска кожа, целата нивна храна, нивното орудие за опстанок, нивните средства за транспорт, за војување и номадската подвижност, исчезнале. Квана бил затворен. Тоа бил разорен удар за Команчите.
Тоа е позната и страшна приказна за Пало Дуро, а реалноста, објаснува Спајви, била уште полоша. – Се зборува за тој масакр од огромни размери и влијанието кое го имало на самиот кањон Пало Дуро – вели Спајви. Она за што не се зборува, додава тој, е дека во јуни во 1875 година војската во Форт Сило собрала шест до седум илјади коњи кои припаѓале на Команчите. Таму полковникот Мекензи тогаш бил командант и според советот на Филип Шеридан, врз основ на логиката дека е прескапо да ги хранат тие животни, а дека премногу се вредни да се пуштат, наредил да се убијат. Неговите луѓе ги одвеле коњите до местото кое се вика брдо Мекензи и почнале да ги убиваат, користејќи пушки спрингфилд со еден куршум, пушки шарп и спенсер со по седум куршуми. Тоа било неефикасно, бавно и апсурдно. Конечно, за да заштедат на време и муниција, одржале аукција. Поните припаднале на белите понудувачи. Кога тоа не ги испразнило во целост коралите, се вратиле на убивање.
Тие два масакри во 1874 и 1875 година, кои го скршиле отпорот на Команчите, не ја прекинале врската меѓу коњите и американските староседелци. Тие само означиле крај на една ера. Други племиња ги зајавале коњите. Ова ново животно, новата техника, новиот начин на лов, борби и патувања, се прошириле од јужните рамници кон север, од Команчите, Џуманите, Апачите и Навахо Индијанците до Поните, Чејените, Лакота, Врана и другите племиња. И секое племе во целост не ги прифатиле. Манданите тргувале со коњите по своите села во кои ја обработувале земјата, во горниот тек на Мисури, но никогаш не го прифатиле коњичкиот начин на живот. Дали тоа е една од причините поради која вариолата, болест која разорно делува на постојаните отколку на номадските заедници, практично ги истребила Манданите? Некои историчари сметаат така.
Коњите создале нови можности. Овозможиле на луѓето многу поуспешно да ловат бизони, и понатаму да крстарат, да вршат разорни напади на други племиња. Ги ослободиле жените од некои тешки должности, како што е обработување на земјата од нива до нива. Донеле благородност на своите сопственици, придонеле за раст на наталитетот и ширење на територијата, дале предност на ловечките над сточарските племиња. Исто така ги замениле кучињата, единствено претходно припитомено животно во Северна Америка, кое е многу помало, послабо и се храни со месо. Коњите ги хранела земјата од која јаделе она што не го јадат кучињата и луѓето – трева. Кога поради суша или зимските снегови немало трева, можеле да живеат само од кората на канадската топола.
Овие нови животни станале толку ценети што почнале да играат една поапстрактна културолошка улога: станале симбол на благосостојба. Ако човекот бил снаодлив, амбициозен и ако имал среќа, можел да го зголеми своето стадо. Своите прекубројни коњи потоа можел да ги продаде, да ги замени или да ги подарува (во замена за повисок општествен статус) или, ако стане невнимателен, коњите можеле да му бидат и украдени. Зголемувањето на богатството довело до раслојување и за прв пат во Рамниците имало богати и сиромашни Индијанци. Со оваа новина стигнала уште една: огненото оружје набавувано од белите трговци, кое често се разменувало за даброви крзна, штавена бизонска кожа или коњи.
Тоа биле драстични промени кои донеле исклучителни успеси и срамни споредни последици, како што тоа бил прекумерниот лов на бизони дури и пред да се појават белите ловци на бизонска кожа. Вештината на јавањето исто така довела и до понтензивни меѓуплеменски војни, како и до отпор на белите доселеници и војската, а на крај и до жални уништувања на места како што се кањонот Пало Дуро, планината Мечкина шепа во Монтана, каде воините од племето Нез Перси на поглаварот Џозеф биле нападнати додека се обидувале да избегаат во Канада и племето Рането колено во Јужна Дакота.
Негативните аспекти на коњичката револуција се вбројувале во доменот на историјата, но коњите останале исклучително важни за многу староседелци на Америка, посебно за племињата од Големите рамници, како извор на гордост, симболи на традицијата кои помагаат полесно да се пребродат тешкотиите на современото секојдневие преку уважување на древните вредности: нивната величественост, дисциплината, љубовта, грижата за другите живи суштества и пренесување на умешноста од генерација на генерација.
ГОЛЕМОТО РОДЕО се одржува секој септември во Пендилтон во Орегон, недалеку од индијанскиот резерват Уматила. На него се одвива и натпревар во воени танцови и неколку индијански штафетни трки, како и вечерна претстава во Среќниот кањон. Таа почнува со голема парада низ градот со индијански јавачи во полна опрема кои влегуваат во арената на коњи предовдени од локалните поглавари, а заедно со нив одат и дотерани млади индијански принцези. Во приколката, во задниот дел на арената, 50 годишната Тони Минторн, задолжена да се грижи за овие принцези, додека со игла шие прекривка од мека еленска кожа за церемонијалното седло, ми опишува како таа ја сфаќа својата мисија во овој настан. – Мојата цел е да ги вратам принцезите на коњите – вели таа.
Тонината мајка била прогласена за принцеза на Среќниот кањон во 1955 година, а Тони станала принцеза во 1978 година. Пред тоа пораснала како јавач на коњи, која се возела на санки кои ги влечеле семејни коњи, вежбала во борби со дрвени копја, се борела на коњ со своите три сестри и братот. Каде ја стекнала таа вештина на јавањето?
– Со тоа сум се родила.
Тони продолжува истовремено да врши неколку работи, го шие седлото, дава на девојките совети за облеката и шминката, издава упатства преку блутут. Во тек на нејзиното детство семејниот дом во малото место Спринг Холоу немало современи удобности ниту детски играчки, но затоа имало многу срни и елени. Малата Тони немала кукли. Кога нејзините другарски во училиштето го слушнале тоа, почнале да ја сожалуваат. – Немаш кукла? – Се чувствував како најсиромашното дете на светот. – Па што правиш? – Јавам. – Твоето семејство има коњи? – Да, имаме 47 коњи. – Имате 47 коњи, па ти си богата! – И повеќе не се чувствував сиромашна.
ВТОР важен настан е панаѓурот на племето Гаврани, кој се одржува во средината на август во резерватот Гавран во Монтана, каде се собираат натпреварувачи од Рајн Риџ во Јужна Дакота, Форт Хол во Ајдахо и од други места. Стигнувам едно топло попладне, има голема гужва и весело е, а организаторите летаат на сите страни. Еден спикер со својот баритон ни посака добредојде на овогодишното сеиндијанско родео на народот Гаврани и пристигнувањето во кампот кој ќе се подигне под името Вигвамска престолнина на светот. Програмата опфаќа трки на 100 метри, трки на куси патеки, јавање на бикови, јавање на оседлани диви коњи, влечење на коноп, натпревари во фаќање на теле со ласо и величествената дива трка, индијанската штафета, која ја најавуваат како највозбудливи пет минути во земјата на Индијанците. Иако тие најавени пет минути често се сведуваат на три, не сметајќи го времето потребно за фаќање на побегнати коњи и собирање на натпреварувачите кои паднале на земја во правта.
Индијанската штафета е тимски натпревар во кој секој тим се состои од еден јавач, три коњи и три храбри компањони кои ги скротуваат, држат и контролираат други два коња додека јавачот скока од еден на друг и на секој од нив го поминува кругот. Ниту еден од коњите нема седло. Со најмалку пет тимови во секоја рунда, кои се трудат успешно да го завршат префрлувањето на јавачите на неоседланите коњи, да ги запрат коњите во полн галоп и да натераат други во галоп, а сето тоа на тесни патеки, индијанската штафета понекогаш се одвива во вистинска збрка. Но, кога нема збрка, таа е достоинствена.
Вештиот штафетен јавач може брзо да го запре коњот, да се симне од него, да отрча до следниот и да го јавне, зграби за уздите и да одгалопира. Тимот кој глатко ќе ги заврши овие три префрлувања може да ја добие трката за десет должини, без оглед на тоа чиви коњи се најбрзи. Но, тоа прави една идеална трка. Во првата рунда која ја гледам на панаѓурот на Гавраните, двајцата последни јавачи во групата се судираат и паѓаат, еден остана на земја, а спикерот ги повика болничарите. – Ова е тешка работа – рече тој со мек глас кој звучи безчувствително. – Се натпреваруваат само најцврстите Индијанци. Ако беше лесно, ќе се натпреваруваа момчиња од црковниот хор.
Подоцна разговарам со Тортон кој го викаат Ти, Голема Коса, развиен но благ млад човек кој на овогодишниот панаѓур на Гавраните е задолжен за организација на трките. Носи сина маица, сламен каубојски шешир и појас со копче на светски шампион во индијанската штафета освен во Шеридан во Вајоминг. Преголем е да биде јавач, Ти малку се фали дека е прв актуелен светски шампион, а коњот кој го престигнува го совладувал, аууу којзнае колку пати. Исполнет е со восхит и претпоставувам со олеснување, поради добриот резултат на трките и тој ме убедува дека двајцата јавачи што паднаа, сега се сосема добро.
Од разговорите кои во текот на неколку дена ги водам со него и со членовите на неговото семејсво, сфаќам дека коњичките трки силно се во вените на Ти Голема Коса. На пример, неговиот чичко Хенри Хенк Који Јава Коњ, како помлад тренирал коњи за трки ширум државата. Неговиот вујко Бајрон Зла Мечка чувал расни коњи.
Денис Голема коса, таткото на Ти, 71 годишен водач на кланот, има кусо потсрижена коса под белиот каубојски шешир, а поголемиот стомак противречи на фотографијата за некогашен слаб млад учесник на јавачките трки. Седам со него на местото каде се наоѓаат шталите, покрај штанд каде неговата жена продава лепиња со сос.
Денис ми раскажува дека на 14 години освоил коњичко дерби на Гаврани Индијанци, што е една од најстарите традиционални трки која ја организираат Гавраните. Отприлика во исто време победил и на трката Гавернер Хендикеп, и вистина, јавал и на индијанска штафета. Денис тажно се присетува дека тогаш имал околу 45 килограми, посебно во споредба со сегашните 110, а неговата вештина била во тоа на да дојава до следниот коњ, да се слизне на земја, да направи двочекор, скокне од позади на следниот коњ и да продолжи да јава. Како во филмовите. Беше многу брзо. Никој тоа денес не го прави, вели тој. Тоа и кражбата на коњи од другите племиња беа две прекрасни древни традиции кои исчезнаа.
Делумно не толку убав контекст на панаѓурот на Гавраните го создава фактот дека тој се одржува на само три километри од Литл Бигхорн, каде споменик на индијански воини кои загинале тука стои на брегот кој се наоѓа малку под брдото Последно упориште, каде загинал Кастер со своите војници. На индијанскиот споменик се наоѓаат прикази на битката, имињата на загинатите и натписи, меѓу кои е и носталгичниот исказ на Бикот Кој Седи: – Кога бев дете, Лакотите го поседуваа светот. Сонцето изгреваше и заоѓаше на нивната земја. Имале 10.000 коњаници во битка. Пред почетокот на програмата на теренот за родео или во текот на паузата има време човек да отиде и да го види местото каде загинал арогантниот полковник Кастер.
Лошиот спомен на Литл Бигхорн како да паѓа во заборав, откако ќе почнат настаните во арената, но и тука се случуваат мачни работи. Еден ден по мојот разговор со Ти Голема Коса, англискиот чистокрвен коњ кој се викаше Олијев Син, ја скрши ногата кај коленото од тежок напор и тоа 20 метри пред целта и победата во последната трка на денот, а од трибините се слушна колективна воздишка на запрепастување. Мораа да го убијат пред 5.000 луѓе и да го одвлечат со трактор.
Следното утро повторно разговарам со Ти, кој изгледа потресено. – Срцето ме боли – вели тој. Татко му го посоветувал на тоа да гледа филозофски, на начин како што тоа го прават Гавраните: кога ќе се случи таква смрт, тоа значи дека несреќниот коњ настрадал наместо некој човек. На некого во семејството му треба помош, а смртта на коњот се приближува до тој на кого му треба помош. Но, тоа е тешко да се прифати, вели Ти, поради љубовта кон тие животни и се она што му го исполнуваат животот. Ја стиска тупаницата на градите: Тоа е искрена љубов, ете што е. Мора да се грижиш за својот коњ.
ИНДИЈАНСКАТА ШТАФЕТА не е единствен настан кој ги оживува жестоките јавачки вештини од минатото на американските староседелци. На Стампедото кое се одржува во Омаку во државата Вашингтон, во непосредна близина на индијанскиот резерват Колвил, врв на секоја вечер претставува одржувањето на прочуената, во некои кругови озлогласена, самоубиствена трка. Таа трка во 1935 година ја започна еден бел публицист, а инаку таа води потекло од старите трки за издржливост. Оваа коњичка гунгула е отворена за секој кој е доволно луд да јава коњ низ вртоглава стрмнина, на 62 степени стрмна падина, што за коњот е исто што и скок од мала карпа, право во реката Оканоган.
Пред самоубиствената трка некои јавачи во традиционална сауна се молат безбедно да ја завршат трката или да ги украсуваат коњите со амајлии од орелски пердуви. Други само облекуваат елеци за спасување, на глава ставаат шлемови и се надеваат на најдобро.
Десетина коњи речиси истовремено стигнуваат во реката, пливаат низ длабоката вода, се искачуваат на спротивниот брег и во галоп влетуваат во родео арената кон целната рамнина која е осветлена со рефлектори, додека нивните јавачи, барем тие најсреќните и највештите, се мокри од водата, но сеуште се на своите седла. Хуманитарното здружение, организација која се бори против злоставување на животните, го осудува одржувањето на овој спектакл, бидејќи во последните неколку децении загинале над 20 коњи. Таа вечер кога ја гледав самоубиствената трка, еден коњ и јавач беа повредни, но без катастрофални последици.
Официјалниот ветеринар на трката Ден Девирт има свое мислење: – Трката е одлична кога нема за мене работа.
Следното попладне во индијанскиот камп почнувам разговор со љубезна средовечна жена Матилда Тили Тиментвом Гор на нејзиниот штанд со украси и ткаена облека. Додека индијанските тапани одзвонуваат во ушите, ми раскажува за своето семејство. Тие биле народ на коњите, гледајќи наназад барем до нејзиниот дедо, поглавицата Луј Тиментиве, одгледувач и трговец кој имал 300 грла. Многу од овие коњи биле собрани како мустанзи од околните планини. Во времето кога нејзиниот татко бил момче, се присетува Тили, нејзиниот дедо Луј го испраќал со овој совет: Не се враќај дома на истиот коњ. – А некогаш и се враќаше – вели таа. Нејзиниот татко го фаќал мустангот со ласо, му ставал превез преку очите, го врзувал на нозете и му ставал седло на него. Потоа го ослободувал, скокнувал на него, му го тргал превезот од очите и цврсто се држел на него додека коњот ритал и ржел, а на крај на тој мустанг јавал до дома додека неговиот коњ послушно трчал.
Но, јавачките вештини не се својствени само на машките членови на ова семејство. Ќерката на Тили, Кети јавала во самоубиствена трка откако наполнила 18 години и можела да учествува без родителска согласност. Лошо поминала во таа трка: добила удар во грбот, коњот паднал, Кети ја скршила ногата, а коњот морале да го убијат. Тили повеќе никогаш не дозволила да учествува во таа трка.
Уште една чуварка на културолошките сеќавања беше Мери Марчанд, енергична 80 годишна жена глава на семејството со 211 потомци и една од старешините на сојузничкото племе Колвил. Мери и еден од нејзините синови, учтивиот Ренди Луис, кој стигнал од Сиетл со перли во косата и тиркизни украси, заедно со мене се одмараше во столици на расклопување, додека раскажувавме за старите денови и ја гледавме стрмнината на која се одвива самоубиствената трка. Мери во меѓувреме починала и многу луѓе ја жалеле, но тој ден беше многу радосна. Носеше блуза од син брокат, огрлица од бисери и изрезбарен еленски рог и виолетов штитник за очите со натпис Харвард.
Според нејзините сеќавања, старите трки на издржливост се одржувале на патека долга околу 8 километри низ планината, а јавачите прескокнувале преку карпи и паднати стебла, брзо јавале низ низбрдици и понекогаш препливувале реки. Тоа беа коњи со копита од кремен, рече Редни, помоци на Мустанзите, родени и способни непотковани да трчаат преку карпи. Немаше парични награди за победниците, објаснила Мери. Победникот добивал право да ги бира најдобрите лососи од трпезите.
– Колку се стари тие трки? – прашав.
– О, момче… – рече за момент и се замисли лутајќи низ сеќавањата.
Затоа Ренди проговори: – Колку што се стари и коњите.
ОБИЧАИТЕ се можеби племенски, но во некои семејства постои посебна страст кон овие животни, која тече во вените на нивните членови. Такво е поширокото семејство на Ти Голема Коса. Едно друго семејство ми го привлече вниманието со посредство на една млада жена – Јоне Лаплант, припадничка на племето Црни нозе. Таа е учесничка на трките со потекло од Браунинг, во Монтана, висока и во доволна мера спортски градена да стане кошаркарска ѕвезда. Првиот пат ја здогледав на родео во Пендлтон. Беше облечена во сино и јаваше на темно кафен чистокрвен пастув во женска трка, во која учествуваат Индијанки бидејќи се јава без седло. Жестоко јаваше и победи.
А потоа следеа несреќи. Падна една јавачка, коњот остана без јавачката, споредните јавачи го бркаа, имаа ласо во нив, сето тоа на неа и на неколку други им попречи да ги запрат коњите по доаѓањето на целта. Бидејќи споредните јавачи почнаа да го бркаат, коњот на Јона продолжи уште побрзо да трча. Во меѓувреме, чистокрвен коњ на една друга ниска млада жена, се сврте на спротивната страна и почна да галопира по патеката за тркање. Што е уште полошо, таа беше на патеката, а не на надворешниот дел од тркалиштето. На сите во публиката ни беше јасно што ќе претстои, илјадници од нас на трибините, кои само размислувавме: Не… не… не… додека не се случи тоа. Коњот што бегаше избегна еден коњ кој наидуваше и налета право на пастувот на Јона. Двата коња и другата јавачка се срушија. Јона остана на земја. Пастувот застана на нозе, но некако неспретно, не потпирајќи се на предната десна нога која изгледа му беше скршена. Јона ја изнесоа на носилки.
Ја сретнав јона во Мисула во Монтана, после многу месеци и таа ми кажа дека кафениот пастув преживеал. Ногата не му била скршена туку само го повредил мускулот, од што долго закрепнувал. А таа добила потрес на мозокот и посекотини на главата под косата на задниот дел од главата каде ја згазнал коњот и обилно крварела. Но, сега е добро и учествуваше на трките во текот на летото. Победи во женска трка во Пендлтон и асистира како фаќач во штафетна трка во тимот на својот роднина Нарцис Ривајс.
30 годишниот Нарцис, уште еден стасит и висок коњички спортист, одигра клучна улога во приказната за Јона. Беше таму кога падна во Пендлтон и беше меѓу првите кои дотрчаа. Му олесна кога сфати дека не е тешко повредена, а самиот јаваше до победа во индијанската штафета. Тој е мајстор за штафетни трки бидејќи висината му овозможува да се користи со иста техника која ја користел и Денис Голема Коса: од позади да го јавне коњот. Јона пораснала во исто домаќинство во кое и Нарцис, кој кон неа се однесувал повеќе од постар брат или роднина и тој ја научил да јава. – Нарцис секогаш беше некаде во близина – вели таа. – Ако не беше тој, ништо немаше да знам за коњите.
Одам кај Нарцис во Браунинг, град внатре во резерватот кој се наоѓа покрај источната граница на Националниот парк Глациер. Ми раскажува за својот дедо, стар професионален каубој Лојд Кадрав Ривајс. Тој го пуштал Нарцис додека бил мал да се вртка околу коралот. Кадравиот во свое време учествувал на родео, посебно во натпревари каде се фрла ласо. – Пораснав на добри коњи од кои се фрлаше ласо – вели Нарцис. – Тоа се многу брзи и паметни животни. Неговите чичковци Стив и Тим Ривајс биле исто добри јавачи и помагале на детето да учи. Стив подоцна изведувал јавачки акробации во филмот Игра со волците, а Тим девет години настапувал во шоу програмата Евродизниленд Див Запад. Но всушност Кадравиот, дедо, бил тој кој на овој собир ја одржал оваа разновидна група.
Кадравиот Ривајс е достоинствен, здрав 79 годишен човек, со збрчакно лице и немирен поглед, кој носи црн каубојски шешир и црна јакна. Го симнува шеширот, ги потпира лактите на маса, која е цела во неред и почнува да ми раскажува за историјатот на семејството Ривајс. Прва работа која треба да се знае е дека потеклото им е пола француско, можеби Риво, а втората половина од Црните стапала. Втора работа се коњите. – Ние имавме коњи на секаде – вели за своето детство. Коњи во шталите, коњи кои слободно трчаат. Се искачуваш на брдо, погледнуваш и гледаш коњи. Дедото на Кадравиот имал многу коњи. Неговиот татко и чичковците ги снабдувале локалните натпревари во родео со нескротени коњи – тоа биле едноставни настани, ќе се појавиш во недела и ќе се обидеш да јавнеш на мустанг. – Таков беше нашиот живот во резерватот – вели тој.
Таков бил нивниот живот: семејството и коњите. Тоа личи на она што Тони Минторн го раскажа во Пендлтон, за сиромашното девојче кое немало кукла, туку имала 47 коњи. И тоа објаснува нешто што Јона, правнука на Кадравиот ми го раскажа. Исто како што неа Нарцис ја научил да јава, чичковците Тим и Стив го научиле Нарцис, а некој го научил Кадравиот или барем му дозволил самиот да научи, така Јона сега ги подучува своите млади роднини. Девојчиња од резерватот, од шест и осум години и постари машки деца се горди на своите вештини и ветувачките таленти кои се развиваат под контрола на нивната јунакиња, висока роднина која два пати победила во Пендлтон. Тој ланец можеби нема да трае вечно, но но исклучително е драгоцен.
Ги усвојуваш вештините и страста која ја наследуваш од предците; учиш вештини од постарите и негуваш сопствена страст; стануваш добар, потоа мајстор, а потоа великодушен кон другите во своето мајсторство; се грижиш за своите животни мудро и со љубов; ја пренесуваш таа наклоност на младите роднини. Го држиш заедно своето семејство и го исполнуваш со гордост. Тоа е најважно во индијанската штафета.
Национална географија