Рафаел Надал успеа по 9-ти пат да го освои Ролан Гарос, откако во финалето, со резултат 3:6, 7:5, 6:2, 6:4, го победи вториот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ.
Со оваа победа тој останува на врвот на АТП листата.
Ова не беше нивниот најдобар меч, но Надал во секој клучен момент беше подобар и заслужено ја освои 14-тата Грен слем титула, а со тоа се изедначи со Пит Сампрас на вечната листа.
Иако Новак го освои првиот сет, не го искористи моментот во вториот, напротив, физички потполно падна, слабо се движеше, а таа криза, кулминација достигна кон крајот на вториот и почетокот на третиот сет.
Надал го доби вториот сет со резултат 7:5, а во третиот веднаш поведе со брејк.
Новак не успеа да ги искористи ни двете брејк топки во два гема на Надал.
Повторно следуваше уште еден брејк за Шпанецот за тој да го добие третиот сет со резултат 6:2.
Иако во четвртиот сет и двајцата направија по еден брејк, Новак грешеше многу почесто. Финалето заврши со двојната сервис грешка на Србинот.
Надал имаше 44 директни поени и 38 неизнудени грешки, а Новак го заврши мечот со 43 винери и 49 грешки.
Надал по овој исход го задржа 100-процентниот учинок добивајќи ги сите девет финалиња кои ги играл на Ролан Гарос.
За Ѓоковиќ останува сонот да стигне до трофејот на Отвореното првенство на Франција, единствениот кој му недостига од четирите големи светски тениски натпреварувања.