Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро ги критикуваше Соединетите Американски Држави поради, како што оцени, недоволниот притисок врз Русија да прифати мировни преговори. Тој порача дека Вашингтон има можност да го притисне рускиот претседател Владимир Путин да седне на преговарачка маса, но дека за тоа недостига политичка волја, објави „Ројтерс“.
Зеленски зборуваше за време на посетата на украинскиот град Прилуки, кој вчера беше цел на смртоносен руски напад. Неговите изјави уследија откако американскиот државен секретар Марко Рубио оцени дека војната во Украина влегла во опасен ќор-сокак.
„Каков ќор-сокак? Тоа се вика недостиг на волја“
Зеленски ја отфрли оценката на Рубио дека дипломатските напори се најдоа во ќор-сокак.
„Не можете од една страна да преговарате со Русите за идни економски проекти, а од друга страна да велите дека сме во некаков дипломатски ќор-сокак“, рече Зеленски.
Зеленски повика на посилни санкции против Русија
„Не сме во дипломатски ќор-сокак. Уништете ја целата економија на Путин. Замолчете ја Русија. Престанете да ја поддржувате преку продажба. Едноставно воведете санкции против нивното оружје“, порача украинскиот претседател.
Тој побара од САД да ги заострат санкциите против Русија и да ѝ овозможат на Украина поширок пристап до сателитскиот систем Старлинк, со цел поефикасно да се справува со руските ракетни закани.
„Овозможете ѝ на Украина пристап до Старлинк. Тоа го направивте кога одговаравте на Иран. Отворено кажав: Дајте ни го тоа, помогнете ни да го заштитиме нашето небо и да постигнеме надмоќ во воздухот. Тогаш Путин ќе седне на преговарачка маса“, порача Зеленски.
„Каде е тука вистината, каде е правдата? Каков ќор-сокак? Тоа се вика недостиг на волја“, додаде тој.
Зеленски: Трамп може и треба да направи повеќе
Украинскиот претседател смета дека европските земји сами не можат да го принудат Путин на преговори, но дека САД би можеле да имаат клучна улога.
„Европејците сами не можат да го принудат на тој чекор. Тие можат да ни помогнат и со тоа да го поттикнат на преговори, но Американците можат да направат повеќе. Верувам дека претседателот Трамп може да направи повеќе и, искрено, треба да направи повеќе, со оглед на огромните загуби“, рече Зеленски.
Тој ги повика САД и Европа заеднички да го зголемат притисокот врз Москва, оценувајќи дека Путин во моментов нема интерес за смирување на конфликтот.
Рубио: Војната мора да заврши со преговори
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска, за време на посетата на Португалија, изјави дека војната во Украина достигнала опасен ќор-сокак, но нагласи дека Вашингтон нема да се откаже од обидите за изнаоѓање дипломатско решение.
„Би сакале да видиме договор постигнат преку преговори, кој ќе биде траен и праведен. На тоа и понатаму ќе бидеме посветени“, рече Рубио.
Тој предупреди дека продолжувањето на ескалацијата би можело да доведе до проширување на конфликтот во други европски земји, вклучително и членки на НАТО.
„Соединетите Американски Држави се подготвени да посредуваат. Се обидовме и ќе продолжиме да се обидуваме. Но нема да учествуваме во бесмислени процеси доколку нема напредок“, порача Рубио.
Американски и руски претставници разговараат за гасоводите
Критиките на Зеленски доаѓаат истиот ден кога „Ројтерс“ објави дека американски и руски претставници ја разгледуваат можноста за вклучување американски инвеститори во гасоводите Северен тек, преку кои рускиот гас пред инвазијата на Украина се испорачуваше во Германија.
Според извори на „Ројтерс“, во разговорите учествувале Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, и Кирил Дмитриев, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин.
Белата куќа тврди дека во последно време немало такви разговори за Северен тек. Не е јасно колку Вашингтон е заинтересиран за обновување на испораките на руски гас за Германија, а таков проект би се соочил со сериозни политички и правни пречки поради американските и европските санкции.
Десетици загинати во руските напади
Зеленски ги упати критиките по серијата смртоносни руски напади врз украински градови.
Според неговите зборови, во руските напади во текот на два дена загинале 78 лица, а 215 биле ранети. Во денешниот напад врз Краматорск загинале најмалку 30 лица, додека вчера во напад врз станбена зграда во Прилуки загинале 22 лица.
Зеленски најави дека нападите нема да останат без одговор.
И покрај острите критики кон Вашингтон, украинскиот претседател потврди дека украинските преговарачи во петок и сабота ќе престојуваат во САД за нови разговори. Тој повторно го повика Трамп да го зголеми притисокот врз Русија за да се отвори патот кон завршување на војната.
