Заменичката генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, денеска ја повика Европската Унија да продолжи со притисокот врз Русија и да ја зголеми воената поддршка за Украина, особено во областа на противвоздушната одбрана.
На неформалниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки на ЕУ во Ирска, Шекеринска го истакна стратешкото партнерство меѓу НАТО и ЕУ и заедничката поддршка за Украина.
Таа предупреди дека Русија и понатаму не покажува подготвеност да ја прекине војната, а како доказ ги посочи повторените напади врз украинските градови и цивилното население во текот на летото.
Особено внимание посвети на потребата од испорака на пресретнувачи за украинската противвоздушна одбрана.
„Секој пресретнувач прави разлика и спасува животи“, истакна Шекеринска, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на НАТО.
Таа посочи дека САД преку програмата PURL на НАТО ѝ обезбедуваат на Украина клучни капацитети за противвоздушна одбрана, вклучително и пресретнувачи.
Шекеринска ги повика министрите за одбрана на земјите од ЕУ дополнително да придонесат во оваа програма, но и да ги проверат сопствените залихи за да утврдат дали можат да ѝ обезбедат дополнителна опрема на Украина.
За време на дводневната посета на Ирска, Шекеринска во понеделникот говореше и на настан во Даблин организиран од Институтот за меѓународни и европски прашања.
