Поранешниот канадски премиер Стивен Харпер го опиша рускиот претседател Владимир Путин како застрашувачка, интелигентна и исклучително дисциплинирана личност, која е многу склон кон манипулации и, како што нагласува, навистина злобен.
Харпер ги сподели своите искуства од односите со рускиот лидер во периодот кога беше на чело на канадската влада, во авторски текст објавен во канадскиот весник „Глоуб енд мејл“.
„Ниту во еден момент не помислив дека Путин треба да се потцени или да се сфати несериозно. Тој е сериозен противник и, во многу погледи, личност која остава силен впечаток. Интелигентен е и исклучително дисциплиниран. На меѓународните состаноци доаѓа одлично подготвен и точно знае што сака“, напиша Харпер.
„Брзо ги забележува слабостите кај другите“
Поранешниот канадски премиер смета дека една од најизразените особини на Путин е способноста за манипулација, која ја поврзува со неговото минато во разузнавачките служби.
„Тој е многу склон кон манипулации, што несомнено е последица на неговото разузнавачко минато. Делува тивко, речиси срамежливо, но истовремено брзо ги забележува слабостите кај другите и знае како да ги искористи. Претпоставувам дека токму таа маска беше она што најмногу сакав да го разобличам“, наведува Харпер.
Тој додава дека луѓето почесто го прашуваат за Путин отколку за која било друга позната личност со која се сретнал.
„Од сите познати луѓе што сум ги запознал, за Путин и понатаму ме прашуваат најчесто. Веројатно затоа што изгледа како вистински негативец од филмовите за Џејмс Бонд. Но, да нема забуна: и покрај сите негови силни страни, тој е навистина злобен човек. Свесно и намерно им нанесе огромна штета и на својата земја и на целиот свет“, напиша поранешниот премиер.
Харпер најави дека во иднина ќе зборува повеќе за своите искуства со рускиот претседател. Истата споредба со негативец од филмовите за Џејмс Бонд ја употреби и на конференција во Саскачеван во јули 2025 година.
Дипломатски судири поради Украина
Стивен Харпер беше премиер на Канада од 2006 до 2015 година. Неговиот однос со Путин беше обележан со дипломатски несогласувања и јавни критики на сметка на рускиот лидер.
По руската анексија на Крим во 2014 година, владата на Харпер воведе дел од најстрогите економски санкции против Русија. Истата година, на самитот на Г20 во Бризбејн, Харпер директно му порача на Путин дека мора да „излезе од Украина“, пренесува NDTV.
