Германски медиуми: Русија планира да лансира сателит со нуклеарно оружје во вселената

Од:

Западните разузнавачки служби проценуваат дека Русија планира уште оваа година да лансира сателит во вселената кој носи нуклеарно оружје. Според истражувањето на германските медиуми WDR, NDR и „Зидојче цајтунг“ (Süddeutsche Zeitung), за што извести „Тагесшау“ (Tagesschau), детонирањето на такво оружје во орбитата би можело да уништи или оштети голем број сателити, што би довело до катастрофални последици за цивилниот живот и воените операции на Земјата.

За можноста од нуклеарна експлозија во вселената со години се дискутира во воените и разузнавачките кругови. Уште во февруари 2023 година, САД издадоа внатрешно предупредување во врска со плановите на Русија, при што американските законодавци ја опишаа ситуацијата како „сериозна закана за националната безбедност“.

Според информациите до кои дојдоа германските новинари, западните разузнавачки служби – вклучително и германската Федерална разузнавачка служба (BND) – собрале докази дека Русија се подготвува да лансира сателит опремен со нуклеарно оружје.

Сателитот, кој наводно го носи името „Спутник-С“, е наводно завршен уште пред неколку години и се чува во пошироката област на Москва. Разузнавачките предупредувања издадени на почетокот на ноември укажуваат на тоа дека тој би можел да биде лансиран во рок од 60 дена и набргу потоа да стане оперативен. Вселенската команда на германската војска проценува дека лансирањето би можело да се случи уште во декември.

Германското Министерство за одбрана одби да ги коментира овие информации, повикувајќи се на доверливост. Руската амбасада ги отфрли обвинувањата како неосновани и ги нарече дел од пропагандна кампања, нагласувајќи дека вселенските активности на Русија се исклучиво од мирољубив карактер.

Во октомври, американската воено-разузнавачка агенција DIA објави проценка дека Русија развива сателит наменет за носење нуклеарно оружје. Неговото поставување во орбитата би претставувало прекршување на Договорот за вселената од 1967 година, кој забранува поставување нуклеарно оружје и друго оружје за масовно уништување во орбитата околу Земјата. Од DIA предупредуваат дека, откако таков сателит ќе стигне во орбитата, можностите за негово запирање би биле многу ограничени.

Командантот на Вселенската команда на САД, Стивен Вајтинг, процени дека нуклеарна експлозија би можела да предизвика дефекти кај околу една третина од сателитите во ниската орбита околу Земјата, и тоа уште во првите часови или денови. Во текот на наредните месеци, би можеле да престанат да функционираат и преостанатите сателити. Последиците од таква експлозија нема да бидат ограничени само на вселената. Нуклеарна детонација би можела да создаде облак од остатоци што би ги загрозил другите сателити, а моќен електромагнетен пулс би можел да предизвика пречки во електронските системи.

Германскиот генерал-мајор Армин Флајшман предупредува дека последиците по секојдневниот живот би биле огромни, вклучувајќи прекини во снабдувањето со електрична енергија и сериозни проблеми со комуникациите и навигацијата.

Сателитите се клучни за GPS, банкарските трансакции, телекомуникациите и функционирањето на бројни други системи. Нивното уништување, исто така, сериозно би влијаело врз воените операции, особено врз извидувањето, комуникацијата и наведувањето на оружјето. Западните војски се значително позависни од сателитите отколку руската војска, поради што западните безбедносни кругови сметаат дека Русија би можела да стекне краткорочна воена предност со еден таков напад.

Како можен одговор, Флајшман предлага развој на капацитети за дејствување против непријателските сателити, вклучително и нивно онеспособување. Друга можност би била дополнителна заштита на постоечките системи, но таквите инвестиции би биле исклучително скапи.

Американците веќе имаат детонирано нуклеарна бомба во вселената.
Опасностите од нуклеарни експлозии на големи височини се познати уште од 1962 година, кога САД, како дел од тестот „Старфиш прајм“ (Starfish Prime), детонираа нуклеарна бомба на височина од околу 400 километри над Тихиот Океан.

Експлозијата предизвика силен блесок, ги поремети уличното осветлување и телекомуникациите на Хаваите, а оштети и неколку сателити.

Денес, во орбитата околу Земјата има повеќе од десет илјади активни сателити, па затоа последиците од слична експлозија би можеле да бидат многу посериозни.

Западните разузнавачки служби со години го следат рускиот сателит „Космос-2553“, лансиран во февруари 2022 година, непосредно пред почетокот на руската инвазија врз Украина.

Русија тврди дека тој се користи за научни истражувања, но западните служби се сомневаат дека служел за тестирање технологија поврзана со нуклеарно оружје во вселената.

Според германски безбедносни извори, Русија можеби го искористила за да тестира како силното зрачење влијае врз функционирањето, движењето и издржливоста на сателитите.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Путин: Крајот на војната зависи од Киев, Украина треба да ги прифати компромисите

(ВИДЕО) 12 лица загинаа во Киевската област, меѓу нив деветмина во уривање на станбена зграда

ВИДЕО: Нов напад на руски брод кај Либија

Руски хеликоптер навлегол во финскиот воздушен простор по инцидент со руски брод во Балтичкото Море

САД ја притискаат Украина да постигне мировен договор со Русија до јануари: Киев стравува од големи отстапки

Предраг Петровиќ

Бизарни детали од животот на Епстин: Во Москва барал млади манекенки и очајнички се обидувал да стигне до Путин