Министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров, денес изјави дека Соединетите Американски Држави се подготвени за државни удари, апсења или убиства на странски шефови на држави кои поседуваат ресурси што ѝ се потребни на Америка.
„И покрај сите надворешни знаци на фарса, а мислам дека многумина разбираат дека се присутни, последиците од она што го прават нашите американски колеги, во овој случај во соработка со Израелците, се исклучително сериозни. Тие ќе се чувствуваат многу долго време“, изјави Лавров за руските медиуми.
Тој истакна дека американскиот пристап никогаш нема да функционира на Блискиот Исток и оцени дека на Блискиот Исток дејствувањето „според принципот на сечење со секира“ е неприфатливо.
Лавров истакна дека засега не гледа дека САД ги земаат предвид интересите на Русија, но гледа дека Вашингтон се обидува да ја истисне Русија од сите енергетски пазари, пренесува Спутник.
Според неговите зборови, САД ја поздравуваат маргинализацијата на Русија на европските енергетски пазари и покажуваат отворени претензии во насока на енергетска доминација низ целиот свет.
„Ова е невообичаена ситуација, враќање во времето кога немаше рамка за меѓународни односи. Отворено се вели дека интересите на САД имаат предност пред сите меѓународни договори“, рече Лавров.
На 28 февруари, Соединетите Американски Држави и Израел започнаа серија напади врз цели во Иран, вклучувајќи го и Техеран, а нападите резултираа со цивилни жртви.
Потоа Иран започна одмазднички ракетни напади врз израелска територија, како и врз американски воени објекти низ целиот Блиски Исток, што доведе до прекин на превозот преку Ормутскиот теснец, клучен пат за испорака на нафта и течен природен гас до светските пазари.
