Данска: Одбраната на Гренланд е заедничка одговорност на НАТО

Од:

Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека одбраната на Гренланд е „заедничка грижа“ за целиот НАТО сојуз, бидејќи војници од неколку европски земји пристигнуваат на арктичкиот остров за да ја зајакнат безбедноста.

Според Фредериксен, воени сили од Франција, Германија, Норвешка и Шведска се на пат кон Гренланд, автономна територија во рамките на Кралството Данска, додека Копенхаген, исто така, објави зголемување на сопственото воено присуство, објави Гардијан.

Распоредувањето на силите следеше по состанокот во Вашингтон меѓу министрите за надворешни работи на Гренланд и Данска, Вивијан Мотцфелд и Ларс Локе Расмусен, со потпретседателот на САД Џ.Д. Венс и државниот секретар Марко Рубио.

Средбата, која имаше за цел подобрување на односите со Соединетите Американски Држави, не ги даде посакуваните резултати, по што американскиот претседател Доналд Трамп го повтори својот став дека Гренланд им е потребен на САД за национална безбедност.

Фредериксен рече дека состанокот „не бил лесен“ и дека се формира работна група за зајакнување на безбедноста на Арктикот, но додаде дека сè уште постои „фундаментално несогласување“, бидејќи, како што изјави, амбицијата на САД да го преземат Гренланд останува непроменета.

Таа нагласи дека зајакнувањето на присуството на НАТО на Арктикот е клучно за европската и северноамериканската безбедност.

Според неа, Данска веќе значително инвестирала во нови арктички капацитети, додека бројни сојузници учествуваат во заеднички воени вежби во Гренланд и неговата околина.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека првите француски војници веќе се испратени во Гренланд, а ќе следат уште.

Француските власти соопштија дека околу 15 војници од планинска пешадиска единица веќе се во Нуук, главниот град на Гренланд, за воени вежби.

Германија соопшти дека ќе распореди извидувачки тим од 13 члена.

Данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен изјави дека планира да воспостави потрајно воено присуство во Гренланд со поголем дански придонес, велејќи дека трупите на НАТО ќе бидат распоредени на ротациона основа.

Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави дека сè уште постои фундаментално несогласување со САД околу Гренланд, велејќи дека е јасно оти американскиот претседател сака да го преземе островот.

Трамп претходно изјави дека на САД им е потребен Гренланд и дека, доколку Америка не реагира, Русија и Кина ќе покажат интерес за островот.

Би можело да ве интересира

Министерката за надворешни работи на Гренланд се расплака по состанокот во Белата куќа

Захарова: Присуството на НАТО на Арктикот е провокација

Макрон: Испраќаме воен брод во Гренланд

ВИДЕО: Неколку земји испратија војници на Гренланд во текот на ноќта

ВИДЕО: Гренланд не сака со САД, Трамп не се откажува – што донесе состанокот во Белата куќа

Катерина Ѓуровски

Трамп предупредува: Кина и Русија не можат да го земат Гренланд, но САД можат