Последниот случај со починато новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје открива не само индивидуални пропусти, туку и системска болест на здравствениот сектор во Македонија, кој го стави интересот на хиерархијата, бирократијата и формалностите над животот на човекот. На ГАК недостасуваат педијатри неонатолози, а новата власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ требаше ургентно да реагира и да обезбеди стручни кадри, наместо да дозволува вакви трагедии да се повторуваат, велат од Левица.
„Имено, интерната документација на ГАК, вклучувајќи ја пријавата на началничката на интензивна нега, д-р супспецијалист Елизабета Петковска, открива дека педијатарката д-р Емилија Бадева извршила долготрајна, повеќекратна и неуспешна реинтубација (околу 20 минути), при што довело до дестабилизирање и смрт на бебето. Сведочењата на специјализантките д-р Деспина Кочова и д-р Мевљане Ислами Лимани потврдуваат дека ја предупредувале да ја прекине постапката.
Интерните податоци откриваат и сомнежи за алкохолна употреба на д-р Бадева за време на работа, што е целосно игнорирано од директорката д-р Ирена Алексиовска Папестиев и институциите. Комисијата за квалитет препорачала тестирање за супстанции, но нема законска сила за реална проверка, што јасно укажува на систем кој штити персонал и формалности, наместо животот на пациентите.
Директорката не ги известила Министерството за здравство, ДСЗИ ниту Јавното обвинителство цели два месеци, додека ДСЗИ подоцна се ограничува само на формални извештаи за медицинските состојби, без да го утврди суштинскиот причинско-последичен однос помеѓу несоодветната постапка и трагедијата. Министерот за здравство, Азир Алиу и директорот на ДСЗИ, Кирил Лазов, декларативно најавија формирање стручна комисија, но ова останува празна формалност ако не се обезбеди независна контрола и санкција на одговорните.
Системот не овозможува вистинска контрола или санкции, дури и кога постојат сомнежи за алкохол или несоодветна постапка. Семејството на починатото новороденче, оставено без вистина и објаснување, се соочува со неизмерна болка и траума, жртвувајќи се на истиот систем кој ги штити своите формалности над животот. Недовербата и стравот што ги создава институционалниот молк се дополнителна неправда и трагедија, тврдат од партијата.
