Левица отвора серија објави за спорните јавни набавки во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), тврдејќи дека дел од нив предизвикуваат сомнежи во однос на економичноста и оправданоста на потрошените јавни средства. Првата објава се однесува на договорот за сметководствени услуги, вреден речиси шест милиони денари со ДДВ за период од две години, за кој била доставена само една понуда.
Од партијата оценуваат дека МАНУ, како најзначајна научна институција во државата, сè повеќе наликува на институција ставена во функција на партиските интереси на ДПМНЕ. Во соопштението посочуваат дека на чело на Академијата е Живко Попов, татко на пратеникот на ДПМНЕ, Сергеј Попов, и отвораат прашања за постапките за јавни набавки што ги спроведува раководството.
„Кога ќе се погледнат јавните набавки, неизбежно се наметнува прашањето: чии интереси штити и спроведува раководството на МАНУ, одобрувајќи и оправдувајќи спорни и необјасниви постапки за јавни набавки? Дали некој преку јавните институции им ги отплаќа долговите и им ги обезбедува фотелјите на своите деца и роднини?“, прашуваат од Левица.
Според податоците што ги објавува партијата, договорот за сметководствени услуги изнесува речиси три милиони денари годишно. Левица ја споредува оваа сума со договорите на истиот економски оператор со други јавни институции, меѓу кои и Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП).
Од партијата тврдат дека ЈСП за слични услуги плаќа околу 1,57 милиони денари годишно, што е за 1,38 милиони денари помалку од годишната цена што ја плаќа МАНУ. Според нивните пресметки, услугите за МАНУ се поскапи за 87,7 проценти, иако ЈСП во 2025 година остварило приходи од речиси 1,96 милијарди денари, односно повеќе од деветпати повисоки приходи од МАНУ.
Левица ја споредува набавката и со онаа на Агенцијата за филм, за која наведува дека има приближно споредлив буџет, но за сметководствени услуги плаќа 654.900 денари годишно. Според партијата, тоа е повеќе од 4,5 пати помалку од годишната цена на услугите за МАНУ.
Дополнителни прашања, според Левица, отвора и техничката спецификација на договорот. Таа предвидува едно стручно лице да работи во просториите на МАНУ најмалку пет дена неделно, по осум часа дневно, додека уште две лица би работеле за Академијата во просториите на надворешниот оператор.
Од партијата посочуваат дека МАНУ во исто време има сопствен Оддел за финансиски прашања, со систематизирани работни места за раководител на Одделот, соработник за буџетска координација и контрола, финансиски сметководител, материјален сметководител и благајник.
„Зошто тогаш се ангажира надворешна компанија за дополнителни средства, и тоа со цена речиси двојно повисока од онаа што истиот оператор ја наплаќа од ЈСП? Со оваа набавка сметководствената функција се финансира двапати – преку постојано вработениот кадар и преку надворешен оператор“, наведуваат од Левица.
Во соопштението партијата ја посочува и претходната професионална кариера на сопственичката на компанијата ангажирана за услугите. Според Левица, таа претходно била директорка за финансии и сметководство во ЈП „Водовод и канализација“, како и помошник-директорка за финансии и членка на Управниот одбор на ЈП „Паркови и зеленило“.
Од партијата наведуваат дека нејзината компанија сега склучува договори во вредност од милиони денари со јавни институции, меѓу кои и договорот со МАНУ, чија годишна цена, според нивните споредби, значително отстапува од цените што истиот оператор ги наплаќа за споредливи услуги.
Левица бара Државниот завод за ревизија да ја испита економичноста, оправданоста и законитоста на набавката. Барањето, како што наведуваат, треба да ги опфати проценетата вредност на договорот, пазарното истражување, критериумите за избор и разграничувањето на обврските меѓу вработените во МАНУ и надворешниот оператор.
Од партијата бараат, доколку се утврдат индиции за незаконско постапување, предметот да биде доставен до Јавното обвинителство за испитување на евентуалната одговорност на сите инволвирани лица.
Левица најавува дека во наредните денови ќе објави и информации за други јавни набавки во МАНУ за кои смета дека се спорни, наведувајќи дека раководството на Академијата ќе треба да даде одговори.
