Најостро го осудуваме гласањето на претставникот на Република Македонија во ОН на Четвртиот комитет на Генералното собрание на Обединетите нации против нацрт-резолуцијата за дејствување на Агенцијата на ОН за помош и работа на палестинските бегалци на Блискиот Исток. Резолуцијата беше сепак усвоена со 143 гласа „за“, 9 гласа „против“ и 20 „воздржани“, а покрај Македонија, против гласаа уште само осум земји со што државата влезе во друштво на апсолутно малцинство, реагираат од Левица.
Веќе подолг период Република Македонија во ОН не пропушта прилика да гласа против Палестина, а јавноста од Министерството за надворешни работи и трговија нема добиено никакво објаснување зошто државата упорно се турка на маргините на светската политичка сцена и континуирано следи опортунистичка траекторија дури и по прашања околу кои постои глобален консензус. Дипломатите во ОН раководени од Муцунски, Мицкоски и други кусогледи вмровци не покажуваат ни трошка солидарност и човечност, а во својата општа расеаност и дезориентираност претходно гласаа и против укинувањето на злосторничките санкции кон Куба, како и против нацрт-резолуцијата против глорификацијата на нацизмот и неонацизмот. Сите досега спомнати резолуции беа усвоени со што Македонија се става на страна на малцинството и дополнително се изолира во овој сензитивен период во глобални рамки.
Бараме од министерот Муцунски веднаш да ја ревидира надворешно-политичката стратегија која доведува до маргинализација на Република Македонија на светската сцена, нејзино устројување против општочовечките вредности, додека таа не носи апсолутно никаква корист на долг рок. Македонската дипломатија треба да се насочи кон делување во полза на долгорочните македонски интереси и во согласност со цивилизациските норми на хуманост и меѓународна солидарност, наведуваат од Левица.
