Левица: Владата на Мицкоски признава фискален неуспех – ги промаши проекциите, ги крати инвестициите и ја задолжува државата

Од:

Владата по вторпат годинава го прекројува Буџетот, намалувајќи ги приходите и расходите за по околу 5,3 милијарди денари, односно над 86 милиони евра. Иако намалените приходи од ДДВ и акцизи за горивата се посочуваат како главна причина, слабата реализација на повеќе буџетски ставки укажува на поширок проблем со планирањето и извршувањето на јавните финансии. Повторното менување на проекциите е показател за нереално планирање и отсуство на предвидлива фискална политика, велат од Левица.

– Најголемиот удар го трпат капиталните инвестиции, кои се намалуваат за над 94 милиони евра. При реализација од само 54% заклучно со 8 ноември, Владата наместо да ги забрза проектите и да ги отстрани причините за нивната слаба реализација, повторно ги намалува сопствените цели. Одложените инвестиции значат одложен развој, помала побарувачка за домашните компании и пропуштени можности за создавање економска вредност.

Истовремено, буџетскиот дефицит достигнува 4,1% од БДП, односно 46,3 милијарди денари, додека проекцијата за економски раст се намалува од 3,8% на 3,5%. Намалувањето на буџетските приходи и расходи не го решава фискалниот проблем: државата продолжува да троши повеќе отколку што прибира, а разликата ја покрива преку задолжување.

Постојаното прекројување на Буџетот не е одговорно управување со јавните финансии, туку признавање на неуспехот да се реализираат првично планираните цели. Последиците ги трпат граѓаните преку одложени инфраструктурни проекти и пропуштени можности за унапредување на јавните услуги. Јавните пари мора да се претвораат во подобар животен стандард, продуктивност и развој, а не во нереализирани проекции што Владата дополнително ги намалува за да ја прикрие разликата меѓу планираното и постигнатото, нагласуваат од партијата.

Би можело да ве интересира

Левица: Под власта на ДПМНЕ, фондовите трупаат станови, а граѓаните се задолжуваат до пензија за еден

Владата ќе формира Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите

(ВИДЕО) Јанчев: 10 години народен отпор против рудниците, а Божиновска ја олеснува инвестициската клима за странскиот капитал

(ВИДЕО) Мециновиќ кон Божиновска: Ветивте ред во ова енергетско безредие – добивме „бунар без дно“ за богатење на вашите сопартијци

Левица: Сметките ви се високи поради Сања Божиновска – утре ќе одговара за крахот на енергетиката

Левица: Само левата идеја е државотворна

Горан Наумовски