Москва е среќна со новите политики на САД, Лавров го фали Трамп

Од:

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во интервјуа овој викенд покажаа колку Москва е задоволна од настаните во изминатата недела.

Лавров ја пофали прагматичната цел на Доналд Трамп за запирање на војната во Украина, спротивставувајќи ја со, како што ја нарече, „ароганцијата“ што ја карактеризира претходната администрација на Бајден. Тој посочи дека Европа, за разлика од САД, продолжува да го турка конфликтот понатаму и ја нарече „арогантна“ идејата за испраќање мировници во Украина.

Песков, во интервјуто наводно снимено пред посетата на Володимир Зеленски на Белата куќа, изјави дека надворешната политика на новата американска администрација во голема мера се совпаѓа со визијата на Русија.

Како пример, тој ги наведе случаите во кои САД ја поддржаа Русија во резолуциите на ОН за Украина, што, според Песков, до неодамна беше „невозможно да се замисли“.

Од инаугурацијата на Трамп на 20 јануари, американскиот претседател значително ја промени американската надворешна политика во споредба со онаа што ја водеше неговиот претходник Џо Бајден и се приближи до Москва.

Тој завчера влезе во сериозен вербален конфликт со украинскиот претседател Володимир Зеленски пред камерите во Белата куќа, што фрли сомнеж за континуираната поддршка на Вашингтон за Киев.

Лавров рече дека САД се уште сакаат да бидат најмоќната земја во светот и дека Вашингтон и Москва никогаш нема да се договорат за се, но дека се согласиле да бидат прагматични кога интересите ќе се поклопат.

„Доналд Трамп е прагматичар“, изјави Лавров за рускиот воен весник Краснаја звезда, според транскриптот објавен од Министерството за надворешни работи. „Неговиот слоган е здрав разум. Тоа значи, како што секој може да види, има промена кон поинаков начин на вршење на работите.

„Но, целта сепак е МАГА (Направете ја Америка повторно голема)“, рече Лавров, мислејќи на политичкиот слоган на Трамп. „Тоа и дава жив, човечки карактер на политиката. Затоа е интересно да се работи со него.

Лавров ја критикуваше Европа, велејќи дека во текот на изминатите 500 години, Европа била во фокусот на „сите трагедии на светот“, вклучувајќи ги колонизацијата, војните, крстоносните војни, Кримската војна, Наполеон Бонапарта, Првата светска војна и Адолф Хитлер.

„И сега, по мандатот на (поранешниот американски претседател Џо) Бајден, дојдоа луѓе кои сакаат да бидат водени од здравиот разум. Тие директно велат дека сакаат да стават крај на сите војни, сакаат мир“, рече Лавров.

Лавров, исто така, ги отфрли европските идеи за испраќање на контингент европски мировници и рече дека Русија нема доверба во Украина по пропаѓањето на договорите од Минск, кои беа дизајнирани да стават крај на рускојазичната сепаратистичка војна во источна Украина.

Европејците, рече Лавров, не можат да објаснат какви права би имале луѓето што зборуваат руски според плановите за европски мировни сили, додавајќи дека на Русија не и се допаѓа идејата Европејците да го поддржуваат Зеленски.

„Сега тие исто така сакаат да го поддржат со своите бајонети во форма на мировни единици. Тоа ќе значи дека основните причини нема да исчезнат“, рече Лавров.

Би можело да ве интересира

Маск: САД треба да ги напуштат НАТО и ОН

„Њујорк Тајмс“: Трамп денеска ќе донесе одлука за прекин на воената помош за Киев

Трамп: Треба повеќе да се грижиме за мигрантите, да не завршиме како Европа

Медведев: Русофобичен митинг против Трамп се одржа во Лондон

Трудо: Путин е лажго и криминалец на кој не може да му се верува

Катерина Ѓуровски

Фон дер Лајен: Европа мора итно да се вооружи, мора да се подготвиме за најлошото

Катерина Ѓуровски