Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ја „реши Куба“ пред да го заврши претседателскиот мандат, додавајќи дека неговата администрација внимателно ја следи ситуацијата во земјата.
PRESIDENT TRUMP: I want to get Cuba done before I leave, yeah. We have a very good, talented guy for Cuba named Marco. https://t.co/BLJILtcsAl
— Department of State (@StateDept) November 12, 2026
Трамп ова го кажа во разговор со конзервативниот радио-водител Хју Хјуит. Тој ја опиша Куба како пропадната држава.
„Многу внимателно ја следиме ситуацијата. Таму состојбата е многу лоша. Тоа во суштина е пропаднато место, нација, како и да сакате да го наречете“, изјави Трамп.
Trump: "Cuba is gonna be interesting. I imagine it will fall fairly soon." https://t.co/Wl3bIXe7ie
— Aaron Rupar (@atrupar) November 9, 2026
Тој истакна дека на Флорида добил голема поддршка од кубанските гласачи и дека сака да направи нешто за Кубанците кои ја напуштиле земјата поради лошиот третман.
„Би сакал да можам да го направам тоа за тие луѓе, за Кубанците кои дојдоа овде откако таму се однесуваа многу лошо кон нив“, рече Трамп.
Тој додаде дека американскиот државен секретар Марко Рубио, чии родители потекнуваат од Куба, исто така би сакал да ја реши ситуацијата.
На прашањето дали би употребил воена сила за ослободување на Куба од комунистичкиот режим, Трамп одговори дека „сигурно би ја разгледал таа опција“.
Американскиот претседател и претходно во неколку наврати навести можност за интервенција. На почетокот на неделата изјави дека верува оти Куба „наскоро ќе падне“.
„Куба пропаѓа. Тоа е држава што не функционира. Имаат идеологија многу слична на онаа што ја застапуваат демократите. Тоа е комунистичка, социјалистичка земја, всушност сè тоа во едно“, рече Трамп на брифингот за новинарите во понеделникот.
Тогаш, одговарајќи на прашањето дали сè уште планира да ја преземе Куба, тој додаде дека САД ќе ѝ помогнат на земјата од хуманитарни причини.
За време на Генералното собрание на Обединетите нации во септември, Трамп порача дека САД бараат „темелни промени“ на островот.
Во март, пак, изјави дека верува оти ќе ја има „честа“ да ја преземе Куба.
„Мислам дека можам да правам со неа што и да посакам. Без разлика дали ќе ја ослободам или ќе ја преземам, мислам дека можам да правам што сакам“, рече тогаш Трамп пред новинарите.
Администрацијата на Трамп на почетокот на овој месец најави нов пакет санкции против Куба. Мерките се насочени кон 10 лица и субјекти поврзани со кубанската влада, војската и нафтената индустрија.
Американскиот Стејт департмент во соопштението ја обвини кубанската „владејачка елита“ дека ги акумулира енергетските, транспортните и технолошките ресурси на островот за сопствено богатење, додека населението се соочува со прекини на електричната енергија, недостиг и стагнација на економијата.
Минатиот месец и државниот секретар Марко Рубио изјави дека Куба „веќе пропаднала“ и дека станува збор за нефункционална држава.
„Таа нема функционална економија, а со неа управуваат луѓе кои и понатаму проповедаат за некаква револуција што е мртва веќе 20 години. Тоа никогаш не функционираше“, рече Рубио за „Фокс њуз“.
