Се уште не е идентификуван напаѓачот со автоматска пушка пукаше во градоначалникот на Арачиново и кој рани две лица среде бел ден. Во нападот се ранети возачот на Ридван Ибраими и еден од вработените во општината.
МВР постапува за идентификација на сторител на кривично дело. Обвинителството во континуитет издава наредби и насоки.
Според очевидците брзата реакција на еден од придружниците на Ибраими му го спасила животот на градоначалникот кога почнале истрелите. Напаѓачот испразнил цел шаржер од автоматската пушка.
Возачот на градоначалникот е веднаш префрлен на Ургентнио центар со прострелни рани, извршена му е операција и е надвор од животна опасност.
Ова не е прв напад врз градоначалникот на Арачиново.
Пред една година полицијата уапси 69-годишен маж од селото Арачиново откако претходно добила пријава од градоначалникот на општината, Ридван Ибраими. Тој упатувал закани по животот на градоначалникот во врска со предмет за доделување на користење на земјиште.
Ибрахими и во септември 2022 година во полицијата пријавил дека бил цел на физички напад.
Според тогашното соопштение на МВР, на 13 септември 2022 година во 09:46 часот градоначалникот на Арачиново пријавил дека бил физички нападнат од неколку лица.
Како што објавија тогаш дел од медиумите на албански јазик во земјава, Ибрахими тврдеше дека напаѓачите ги предводел член на семејството на поранешниот градоначалник на Арачиново, Брахим Ајвази.
Ридван Ибраими е роден во 1984 година во Скопје. Основно и средно училиште завршил во Скопје, дипломирал и завршил постдипломски студии на Државниот универзитет во Тетово во 2016 година и се стекнал со звање магистер по економски науки на отсекот сметководство и ревизија. Од јануари 2010 година секогаш е на раководни функции во здравствените установи. Прво во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје.
Од 2012 година ја извршува функцијата организациски директор на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. Од ноември 2021 година е избран за градоначалник на општина Арачиново на општи и непосредни избори како кандидат на ДУИ.