Министерот за земјоделство Љупчо Николовски му одговори на дополнителниот заменик-министер Цветан Трипуновски, по вчерашното обвинување дека направил упад во системот со програмите и ги поделил 2,5 милиони евра на малите винарии без никаква контрола.
Николовски повтори дека распределбата била неселективна и без рангирање, а добиле сите кои ги исполнувале условите.
„Ние се гордееме со овие програми заради тоа што гледате што е препознатливо во државата. Сите знаат. Од небото се гледа за 67-те винарии кои денес јасно, со име и презиме го посочија токму тој кој што се обидува да ги кочи и да ги блокира, не само законите, сега сака да ги кочи и да ги оспорува програмите. Токму македонските винарии станаа брендот по кој ние сме препознаени насекаде. Таму нема делби и селекции. Има само еден кој што нема добиено. Еден. Тој е зад мене, раководител е на секторот и неговото семејство на првиот оглас, но и сега, нема добиено грант. Не знам од каде е таа храброст да се употребуваат имиња без никаква аргументација. Да од морални од етички причини нема добиено поддршка за грант, но имаат добиено сите други. Не ја сфаќам логиката да се свртите против многу жени кои добија грантови, кои ги произведуваат најубавите традиционални производи кои што сите можеа да ги пробаат на вториот и на првиот национален саем во Скопје. Да се свртите против младите кои преку овој грант ги привлекуваме да останат тука и дома и на сите овие винарии кои се нашироко познати“, рече министерот Николовски.
Лидерот на СДСМ и експремиер, Димитар Ковачевски, стоеше зад него, но не издржа да молчи па застана пред камерите да му помогне.
„Има една разлика, ќе ти помогнам, што Трипуновски претставува политичка партија која докажала и покажала дека смета дека вино се прави од стиропор. Ние докажавме и покажавме дека вино се прави од грозје. Тоа е разликата“, рече Ковачевски.