Опожареното „ауди“ кое првиот вицепремиер Артан Груби го возел, а не е во негова сопственост покрена многу прашања во јавноста дали институциите надлежни да реагираат како Основното јавно обвинителство, Антикорупциска комисија и МВР, можат да го казнат или покренат постапки против него.
„ Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје веднаш по опожарувањето на возилото даде наредби и насоки за расчистување на настанот и за прибирање на доказите. Меѓу преземените дејствија, издадена е наредба да се обезбеди и документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото“,рекоа за „А1он“ од обвинителството.
Од Обвинителството одговорија дека надлежен орган за следење на имотот на функционерите е Антикорупциска, но таа не може да отвори постапка за скриен имот на Артан Груби, откако автомобилот кој беше опожарен пред два дена излезе дека е во сопственот на име на лице со иницијали Б.Л.
„Не, бидејки возито е во сопственост на друго лице. По овие важечки закони, толку. Уште еднаш укажувам дека е неопходно донесувањето на Закон за потекло на имот, што ќе важи за сите граѓани и ќе наметне обврска да го пријават имотот но и изворот на средствата со кои го купиле тој имот“, истакна денеска Ивановска.
Од МВР соопштија дека Б.Л. (35) бил сосед на Груби кој неколку години го користел патничкото возило, а тоа вицепремиерот го призна и на неговиот официјален профил на Фејсбук.
„Им се извинувам на сите мои соседи во мојата населба за големото вознемирување синоќа пред нашата зграда само поради мојата професија. Исто така, им се извинувам на мојот пријател и неговото семејство за предизвиканата штета само поради мојата професија. Во политиката сум за да служам и да оставам трага со работа и дела, а не да ми се тероризира семејството, соседите и пријателите”, напиша Груби.
За користење на туѓо возило на територијата на државата Груби немал законска обврска да извади полномошно за користење возило и оттаму не може да добие ниту казна за сообраќаен прекршок.
„Државјанин на Република Северна Македонија нема законска обврска да поседува полномошно за користење туѓо моторно возило на територијата на Република Северна Македонија, односно може да управува возило сопственост на друго физичко лице“, рекоа од МВР за „А1он“ на прашањето дали физичко лице треба да има полномошно за управување на туѓо возило како што тоа е случај со вадење на таков документ кога се користи возило во странство.
„А1он“ го праша вицепремиерот Груби чие е возилото „ауди А6„ и дали го добил на подарок, но од неговиот кабинет не одговорија.
Неофицијално, лицето кое му го отстапувало возилото на Груби, е Бекир Лимани, сопственик на компанијата „Еуро ком лихтинг“ која го купила хотелот на „Гранит“ на Попова Шапка за 55.000 евра.