Со испитување на вештото лице Анита Поповска, продолжи судењето за „Државна лотарија“

Од:

Со испитување на вештото лице д-р Анита Поповска, по професија економист, денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за предметот „Државна лотарија“, во кој обвинети се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами и уште шест лица.

Прашама дали таа целосно останува на изготвениот вешт наод и мислење, Поповска одговори потврдно.

-Предмет на ова вештачење е набавка на видео лотариски терминали за приредување на игри на среќа. Постапката е спроведена од страна на Државна лотарија, анализата е од нивно планирање, донесување одлуки, понуди на економски оператори се разгледани, склучени рамковни спогодби, до реализација на поединечните договори, испорака на опремата, извршените плаќања – појасни Поповска.

Третиот економски оператор, како што рече, бил избран во постапката за јавна набавка.

-Од расположливата документација, не се утврдени склучени поединечни договори ниту испораката, фактурирање или плаќање – додаде таа.

Одговарајќи на прашање, рече дека вкупно исплатен износ за набавката е 596.125.511 денари.

Адвокатот Асмир Алиспахиќ во изјава за медиуми појасни дека денеска согласно продолжението и динамиката на рочиштата беше закажано распит на вешто лице кое што го изработило вештиот наод и мислење по барање на обвинителството.

-Денеска бевте и сами сведоци дека се поставија директни прашања кои што се надвор од содржината на самото вештачење на кое што и одбраната приговараше. Одбраната смета дека со вака поставените прашања кои што излегуваат надвор од наредбата која што е издадена и одговорите кои се дадени во самиот вешт наод и мислење, ова претставува всушност прашања што би требало да бидат поставени за некое друго вештачење а не за ова – рече тој.

Прашан дали има нешто спорно во вештачењето и што е спорно според него рече дека и вештото лице дава динамика, почеток, начин, дека според одбраната се е во ред околу постапката, јавните набавки и околу исплатата на тие парични средства.

Прашан дали тоа значи дека вештачењето не е на штета на обвинетите рече дека тоа ќе се утврди во понатамошниот дел од постапката.

-Сакам да ви укажам дека денеска поставените прашања од страна на предлагачите на вештиот наод и мислење и лицето што го изработило вештиот наод и мислење, излегуваа надвор од веќе дадените прашања кои што беа поставени во самата наредба и изготвеното вештачење од страна на вештото лице. Затоа и беа реакциите и затоа и беа приговорите. Но ете заради контекст на целиот предмет беа дозволени одговорите, видовте дека се содржат одговори кои што се надвор од самото вештачење – истакна тој.

Со следење на главните расправи, рече, ќе се види околу понатамошниот дел и нивните ставови околу директните и вкрстените прашања за ова вештачење како и другите вештачења што ќе бидат предмет на оваа расправа.

Прашан дали има информација зошто не дојде актуелниот директор на Лотарија, рече дека согласно динамиката смета оти денеска беше закажано од страна на Основниот кривичен суд испитување на вештиот наод и мислење, а за следните главни расправи ќе се извести јавноста кога ќе биде сослушан и тој.

Во предметот „Државна лотарија“, покрај Груби и Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски. Според обвинението, со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Сите обвинети во досегашниот тек на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судската постапка ја води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски. б

Би можело да ве интересира

ДВЛМ сио системски пристап кон одговорното играње

Продолжува судскиот процес за „Државна лотарија“

Одложено e денешното рочиште за „Лотарија“, судењето продолжува на 11 ноември

Среќни ВЛТ вести: Дарко Ивановски од Кратово освои милионер џекпот од 1.265.797 денари

ВЛТ навива: Вардар го доби вечното дерби со Пелистер

Сведок на судењето за „Државна лотарија“: Како членови на УО требаше да се изјасниме за набавката на ВЛТ терминалите, за постапката дознав по нејзиното завршување