Во пресрет на утрешниот пријателски натпревар на македонската фудбалска репрезентација против Фарските Острови на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, своите очекувања попладнево на прес – конференција ги изнесоа селекторот Благоја Милевски и играчот од средниот ред Елиф Елмас.
„Натпреварот против Фарските Острови не смее да биде поразличен од кој било друг. Сите што се тука и кои ќе настапат го знаат тоа и мора да дадат сè од себе за да стигнеме до позитивен резултат. Не се во комбинација Димитриевски, Зајков и Муслиу, но сите други се подготвени и во комбинација за настап против Фарски Острови“, изјави Милевски.
Македонскиот селектор посочи дека Фарските острови поседуваат квалитет во своите редови.
„На последните осум натпревари противникот има само еден пораз, ја победија Турција и тоа доволно зборува дека денес нема слаби селекции. Треба да бидеме потполно фокусирани. Нема фаворити во денешниот фудбал и тоа ќе го кажам по којзнае кој пат. На ваков меч се испробуваат разни варијанти кои ќе ни помогнат за следните натпревари“, рече Милевски.
Максимална ангажираност на утрешниот натпревар вети играчот на Наполи, Елмас.
„Сите ние во репрезентацијата секогаш кога доаѓаме го даваме најдоброто од нас за Македонија. Така ќе биде и утре со Фарски острови. Јас за репрезентацијата секогаш сум максимално мотивиран. Тоа што е Наполи, тоа останува таму и во моментов е небитно, размислувам само за Македонија. Секогаш се трудам да го дадам максимумот. Утре нè чека предизвик во кој ќе го дадеме максимумот, зашто знаеме дека Фарски острови имаат добра низа на резултати. Но, ќе излеземе на терен да го направиме тоа што ќе се договориме и тоа што го бара селекторот од нас“, изјави Елмас.