Дваесет и едногодишниот Бугарин од Охрид, Христијан Пендиков кој е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, синоќа бил претепан од три лица околу 21 часот пред угостителски објект во центарот на градот.
Оваа информација за „А1он“ ја потврдија од СВР Охрид.
„На 19.01.2023 околу 22.30 часот во Охрид е пријавен физички напад врз Х.П. (21) од Охрид од страна на С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид, по што на Х.П. му била укажана лекарска помош во Општа болница Охрид. Според пријавеното од Х.П., во угостителски објект лоциран на кеј „Македонија“ во Охрид, а потоа и надвор од објектот, физички бил нападнат од С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид и притоа се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Охрид. Известен е јавен обвинител и СВР Охрид презема мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава“, рекоа од СВР Охрид.
Агенцијата БГНЕС објави дека 21-годишниот Бугарин од градот Охрид Христијан Пендиков има повеќе испукани пршлени, ребра и скршена вилица, а објави и фотографија од нападното лице.
„Пендиков бил заедно со уште една девојка. Пред да излезе од кафеана беше навредуван и испровоциран од друштвото поради неговата припадност. Тој моментално се наоѓа на лекување во локалната болница. Се чека неговото транспортирање и префрлање во болница во Скопје“, објави БГНЕС.