Ексгенералниот секретар Драги Рашковски обвинет во „Софтвери“ за местење тендери и делењето на хонорари на хонорарци во Генералниот секретаријат, најави кривична пријава против обвинителката Вилма Русковска. Тој во судот побара таа да сведочи во судската постапка, за преку сведочењето на довчерашната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција да докаже дека истрагата била местена.
„Со нејзиното сведочење апсолутно, од самиот почеток до самиот крај, додека беше обвинител, до вчера, ќе докажеме како судскиот процес и целовкупната постапка, односно внатре во обвинителството, е местена истрагата, поднесувањето на обвинителниот акт. Мислам дека е крајно коректно, дека ако некој застанал позади некој обвинителен акт и тврди дека е така, да се соочи со главниот обвинет – во сличајов јас. Да ги соочиме аргументите, а воедно, да и биде предочено на сите инкриминирачки дејствија, кои според нас таа ги има направено додека ја вршела истрагата“, рече Рашковски.
Прашан дали барањето за сведочење и желбата да се докаже дека ја местела истрагата може да се протолкува и како кривична пријава која ќе ја поднесе против Русковска, обвинетиот Рашковски кажа: „Апсолутно“.