ВИДЕО: Колкав имот последно пријавил Богоев откако веќе не е функционер?

Од:

Откако пред пет дена „А1он“ објави дека мајката на Стефан Богоев ќе гради хотел кај Беровското Езеро, преку слободен пристап до информации од јавен карактер го обезбедивме и имотот кој ексградоначалникот и пратеник го пријавувал во неговиот анкетен лист во Антикорупциска во периодот додека бил пратеник и градоначалник и по завршувањето на функциите. Во анкетните листови е наведен неговиот личен имот, а во дел од нив и имотот на неговите родители, во времето додека живее со нив во иста заедница.

Претходно, Богоев во изјава за „А1он“ рече дека семејството, сепак, не е финансиски моќно за да влезе во таква инвестиција, потенцирајќи дека за изградбата на хотелот ќе биде неопходно подигнување кредит. Притоа, отфрлајќи дека тој на каков било начин учествува во оваа инвестиција.

Во 2014 година, кога станува пратеник во Собранието, Богоев на име на неговите родители пријавил куќа од 160 квадрати во Скопје вредна 98.000 евра, три стана во Скопје кои чинат речиси  191.000 евра, два стана во Охрид кои „тежат“ 63 илјади евра и нива во Скопје со површина од 1.800 квадратни метри од 58 илјади евра. Овој недвижен имот се води на име на неговите родители.

Дополнително, како сопственост на неговите родители се запишани и хартии од вредност од 64.500 евра и три автомобили „сеат ибица“, „шкода јети“ и „нисан“ кои чинат околу 26.000 евра. Во лична сопственост, Богоев пријавил мопед „априлиа“ во вредност од 2.000 евра. Според годините на пријавеното, имотот е стекнат пред тој да стане функционер.

Во 2016 година, кога му престанува мандатот, имотот генерално останува ист. Со разлика што земјиштето во Скопје се преполовува од 1.800 на 900 квадратни метри, а со тоа се преполовува и вредноста од 58.000 на 30 илјади евра. Повеќе ги нема ниту хартиите од вредност од 64.500 евра.

Во 2018 година Богоев врши корекции на личниот имот, пријавувајќи зголемена имотна состојба од 64.000 денари, 28.700 евра и 400 долари, добиени како свадбен подарок, пари, кои како што објавија медиумите, се вложени во купувањето на заедничкиот стан со сопругата.

Кон крајот на 2019 година, откако Богоев стапува во брак, ја променува личната карта и местото на живеалиште и со тоа бара да се избришат податоците од анкетниот лист за неговите родители, бидејќи повеќе не живее во иста заедница со нив.

Како личен имот сега го пријавува мопедот од претходно и кредит од 49.500 евра, без никакви заштеди. И на име на неговата сопруга се пријавени само долговите од 11.400 евра во кредит и кредитна картичка. Како заеднички имот се води станот каде сега живеат и кој чини 75.300 евра.

По завршувањето на градоначалничката функција во Карпош, анкетниот лист е речиси идентичен со последниот. Како единствено дополнување на име на сопругата го запишува автомобилот „цитроен“ вреден 2.500 евра.

Откако Богоев повеќе не е функционер, го нема и неговиот анкетен лист на сајтот на Антикорупциска. Актуелниот закон не дава можност да се следи стекнатата имотна состојба на функционерите по завршувањето на нивната функција. Затоа, институцијата во повеќе наврати посочува дека бара потекло на имот не само на функционерите, туку на сите граѓани.

Како што објави „А1он“, мајката на Богоев партнерски ќе гради хотел на Беровското Езеро. Според идејниот проект, на дел од парцелата треба да никне хотел, во висина од 13.5 метри кое вклучува приземје, три ката и поткровје. До овој момент, во општината е поднесено само барање за идеен проект, што значи дека прво мора да се платат комуналиите, за подоцна да се добие и одобрение за градба. Како што претходно објавивме, градежните парцели од нецели 8.000 квадратни метри се купени на 7 октомври 2021 година за 50.000 евра, односно за 409 денари за метар квадратен од други приватни сопственици.

Би можело да ве интересира

Богоев: Денот на Царината го одбележуваме со високи резултати во приходите, сузбивањето на криминалот и реформските процеси за забрзана интеграција во ЕУ

Богоев: Царинската управа креира реформски политики за подобрување на условите за водење бизнис, целта е забрзан економски раст

(ВИДЕО) Богоев при посетата на Костал: Ефективноста на Царината видлива преку зголемување на извозот на странските директни инвестиции

Богоев: Од денес камионите со стока кои увезуваат или извезуваат во Србија се мерат само еднаш

Горан Наумовски

Богоев домаќин на директорите на Царинските управи од Западен Балкан

Богоев: Компаниите ги чувствуваат бенефитите од политиките за забрзување на трговијата