Македонецот Зоран Петровски е победник на шестата сезона на бугарското шоу „Преживеан: Скриениот идол“ кое се емитуваше на на bTV.
39-годишниот Зоран ја доби главната награда од 150.000 лева, пренесоа бугарските медиуми.
Македонскиот режисер, кој веќе 20 години живее во Бугарија, е роден во Скопје. Заедно со актерката Силвија Петкова, која ја запозна додека работеше на серијата „Револуција Z“, во која таа глумеше, имаат 5-годишен син.
„Чувството на победа е одлично. Ви благодарам. На Филипините се споив со местото, со природата и играта. Бев вистински од почеток до крај“, изјави Петровски по победата, кој зад себе има режирано многу серии и реклами, а работи и на снимање филмови.
Гласањето беше на Филипините, а гласовите беа прочитани во емисија во живо во Софија. Македонецот ја однесе победата со освоени 7 гласови од 9-членото жири. За главната награда се бореа и двете девојки Карин Коли и Ганка Статева.
Според многумина Зоран со своите потези ја направи сезоната возбудлива и непредвидлива.