Двајца странски новинари во мисијата на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) во Авганистан се уапсени во Кабул и приведени заедно со нивните авганистански колеги, соопшти денеска оваа агенција на ОН.
„Двајца новинари во мисија со УНХЦР и авганистански државјани кои работат со нив се уапсени во Кабул. Правиме се што можеме за да ја решиме ситуацијата“, соопшти УНХЦР на Твитер, без да даде дополнителни детали за инцидентот.
Меѓу приведените е независниот новинар и поранешен дописник на Би-Би-Си, Ендрју Норт, кој веќе две децении известува од Авганистан, соопшти неговата сопруга Наталија Антелава.
„Ендрју е во Кабул за да работи за УНХЦР и се обиде да им помогне на луѓето во Авганистан. Многу сме загрижени за неговата безбедност и ги повикуваме сите кои имаат влијание да обезбедат негово ослободување“, напиша Антелева на Твитер.
Портпаролот на талибанците Забихула Муџахид изјави дека нивната влада сега го разгледува случајот.
-Добивме информации за тоа и се обидуваме да потврдиме дали се уапсени или не, изјави Муџахид за француските медиуми.
Откако се вратија на власт, во август лани, со повлекувањето на американските трупи, талибанците ги растурија повеќето опозициски демонстрации, уапсија некои луѓе кои го критикуваа режимот и претепаа или уапсија неколку новинари.
Од почетокот на годината исчезнат се четири феминистички активистки, откако учествуваа во анти-владини демонстрации, што предизвика загриженост кај меѓународната заедница. Талибанците негираат вмешаност во нивното исчезнување и велат дека отвориле истрага.
Извор: МИА