Бизнисменот Орце Камчев, нема да бара од Зоран Милевски-Кичеец, осуден во случајот “Рекет”, да му врати дел од 1.5 милиони евра. За тоа, адвокатот на Милевски-Кичеец, до судот достави изјава со потпис од Камчев. Таа не е нотарски заведена, а судот ја прифати.
“Изјава од тужителот, со која вели дека нема да има никакви побарувања од третотужениот Зоран Милески”, наведе адвокатот Владимир Медарски, заменик на адвокатот Александар Новаковски, кој го застапува Милевски-Кичеец.
На судењето, од затворот “Идризово”, не беа спроведени Катица Јанева и Бојан Јовановски кои се тужени. Нив ги застапуваат адвокатите Лазар Јанев и Сашо Дуковски.
Катица Јанева и Бојан Јовановски-Боки 13, но и Зоран Милески-Кичеец, Владата, поранешното Специјално јавно обвинителство и Републичкото јавно обвинителство, се тужени од бизнисменот Орце Камчев во граѓанска постапка.
Бизнисменот има поднесено тужба преку која си ги бара 1,5 милиони евра, од случајот „Рекет“. Ова е прво рочиште за овој предмет. И тој не дојде во судот, а него го застапува адвокатот Александар Михајловски.
Нејасно е зошто во граѓанската постапка, тужени страни се и СЈО, Републичкото обвинителство и Владата, ако се има во предвид дека Апелација ја потврди пресудата на Кривичниот суд, а со која, како виновни се прогласени само Јанева, Јовановски и Милески-Кичеец кој призна вина.
Торбата „Луј Витон“ од „Рекет“ во која Камчеви тврдеа дека имало милион евра, остана непронајдена. За неа се тврдеше, дека биле ставени еден милион евра, за кои имаше претпоставки, но не се докажа каде завршиле.