Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа објави дека има ново парламентарното мнозинство со Беса, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива. Најави дека доколку премиерот Зоран Заев не ја поднесе најавената оставка тие ќе поднесат иницијатива за недоверба на Владата. Новото мнозинство го сочинуваат 61 пратеник, како што објавија дел од лидерите, со тенденција да се зголеми до 64 пратеници.
-Имаме мнозинство кое што ќе гарантира дека оваа влада предводена од СДСМ ќе е минато. Ја очекуваме оставката на Заев која ја најави доколку тоа не се случи ќе поднесеме недоверба на Владата. Очекуваме да ја поднесе оставката, изјави Мицкоски синоќа по средбата во Собранието со лидерите на Левица Димитар Апасиев и на Алтернатива Африм Гаши, како и генералните секретари на Беса Арјанит Хоџа и на Алијанса за Албанците Арбен Таравари.
Очекувам, рече Мицкоски, во периодов што следи да се обидеме да создадеме ново владино мнозинство, а сите опции се во игра.
-Едната опција е да се формира ново мнозинство кое што ќе изгласа недоверба на Владата, доколку Заев тактизира со оставката, и втората е да одиме на брзи и предвремени парламентарни избори, изјави Мицкоски.
Најави детали за денеска на прес-конференција и посочи дека „ова е мнозинство со коешто се гарантира дека оваа влада предводена од СДСМ и Зоран Заев е минато“. -За се останато треба да седнеме, разговараме за програмски определби, за иднината, за стратегијата понатаму, но во текот на утрешниот ден ќе имаме прес-конференција и ќе кажеме малку повеќе, рече вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој го објави новото парламентарно мнозинство на Фејсбук, споделувајќи заедничка фотографија со Апасиев, Хоџа, Гаши и Таравари.
И лидерот на Алтернатива Гаши, по средбата изјави дека се собрале да докажат дека имаат парламентарно мнозинство со што ќе покренат иницијатива за недоверба на Владата. Понатаму, посочи, ќе видиме како ќе течат процесите. Не станало збор за формирање Влада, туку, како што појасни, ова е прв процес за изгласување недоверба на Владата.
-Процесот се одвива заради интерпелација на Владата. Ако се изгласа недоверба тогаш почнуваат други рокови и тогаш почнува процесот за тоа кој ќе биде мандатар, каква влада ќе се состави. Тогаш ќе седнеме пак и ќе разговараме, но е битно да знаете дека Алтернатива нема да биде дел од Влада која би се повлекла од евроалтантските процеси интеграции. Мора нашата држава да застане, да остане членка на НАТО да ги зацврстиме нашите однсои , а европските интеграции мораме да ги забрзаме што побргу можеме. Ако некоја партија дел од Влада со тоа условува ние нема да бидеме дел од таква влада, рече Гаши.
Новото парламентарно мнозинство го потврдија и Апасиев и Таравари.
ме 61, со тенденција до 64, рече Апасиев одговарајќи потврдно на прашањето дали новото парламентарно мнозинство го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, Беса, Алтернатива, Алијанса за Албанците и Левица.
– Ново мнозинство, 61, рече Таравари исто така на новинарско прашање.
Од СДСМ, пак, порачаа дека доколку навистина има ново парламентарно мнозинство очекуваат тоа да се потврди низ соодветните собраниски процедури и евентуален избор на нова влада. Ќе видиме, наведоа од СДСМ, дали ќе се избере нова анти-демократска, анти-Преспа, анти-НАТО и анти-ЕУ Влада.
-Народот виде како на иста маса седнале претставниците на анти-НАТО, анти-ЕУ, анти-Преспа и анти-демократските структури во земјава, учесниците во крвавите дејствија од 27 април, заедно со оние кои декларативно се залагаат за евро-атланскиот курс на земјата и тепани на истиот 27 април. Овој состав значи конфликт на принципи, конфликт на ставови, конфликт на политики и конфликт на вредности. Таков политички состав не може да испорача ништо за интересот на граѓаните, ниту пак за националните интереси на државата, бидејќи единственото заедничко на таа маса е желбата за власт, истакнаа од СДСМ.
Порачаа дека се страната на граѓаните, националниот интерес и напредокот на државата, како и дека нема да дозволат дестабилизација на земјата, поништување на Договорот од Преспа, нови кавги со соседите и поништување на сѐ што постигнале заедно со граѓаните во изминатите четири години.
-Има подржувачи на евроатлантската иднина помеѓу пратениците на политичките партии кои вечерва најавуваат ново мнозинство. Има меѓу тие пратеници луѓе кои не сакаат да влезат во пакт со нацистите и фашистите од Левица која е отворено против НАТО. Ги повикуваме на соработка и одговорно застанување на страната на демократската опција. Ги повикуваме сите демократски сили и пратеници кои сакаат продолжување на вистинскиот пат, патот на напредокот, на интеграциите во ЕУ, на правдата и економскиот напредок да не дозволат да остават траен печат со својот глас и да бидат споменувани како пратеници и луѓе кои ги донеле новите кавги со соседите, уназадувања на патот кон ЕУ, нови меѓуетнички конфликти, посочија од СДСМ.
Укажаа дека евентуалното ново мнозинство, ќе треба да ја преземе одговорноста за справување со пандемијата и со енергетската криза, одговорноста за предизвиците кои следат со европските интеграции на земјата и усвојувањето на Буџетот за 2022 година, тоа е најодговорно во овој момент. Деновиве, потенцираа од СДСМ, ќе видиме дали Мицкоски има капацитет и одговорност за овие чекори и одговорности.
Лидерот на ДУИ, коалицискиот партнер на СДСМ, Али Ахмети, порача дека комуницираат со партиите со евроатлантска определба и стратешките партнери, како и дека нема да постапуваат ниту со емоција, ниту со еуфорија.
Ахмети на својот фејсбук профил напиша дека е во постојана комуникација со сите политички партии освен со оние кои се против Охридскиот договор и евроатлантската иднина на земјата, со цел менаџирање на состојбата создадена по оставката на премиерот и лидер на коалицискиот партнер СДСМ Зоран Заев.
-Состојбата создадена со оставката на премиерот ја менаџираме преку интензивен контакт со сите страни со исклучок на тие кои ги негираат Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за доброседство, НАТО, ЕУ, Република Косово и албанскиот јазик. Исто така, за актуелните случувања во контакт и кординација сум со нашите стратешки партнери, САД, НАТО и ЕУ. Нема да постапуваме ниту со емоција , ниту со еуфорија, наведе Ахмети. Има, вели, многу телефонски повици, пораки и поддршка од сите страни, а во неможност да одговори на сите, порача, „заедно ќе успееме“.
По вториот круг на Локалните избори во неделата на 31 октомври премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев најави оставка од двете функции, но до синоќа таа формално не беше доставена до Собранието и до партијата.
Претходно, пред објавата на информацијата за новото мнозинство од СДСМ во соопштение информираа дека на состанок на раководството на партијата биле утврдени следните чекори на партијата што ќе се ефектуираат од наредната недела. Согласно статутарните одредби, со оставката на Заев на местото лидер на партијата, во оставка е и целото раководство на СДСМ.
Во Уставот на Република Северна Македонија се предвидува дека прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници, а гласањето за довербата се врши по истекот на три дена од поставувањето на прашањето за доверба.
-Владата и секој нејзин член, за својата работа одговараат пред Собранието. Собранието може да изгласа недоверба на Владата. Прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници. Гласањето за доверба на Владата се врши по истекот на три дена од поставувањето на прашањето за доверба, се наведува во членот 92 од Уставот на РСМ.
Одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата и е изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка, предвидува Уставот.
Во истиот член 92 се наведува и дека повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постави мнозинството од вкупниот број пратеници.
Во членот 93 од Уставот, меѓу другото, се предвидува дека на Владата на која ѝ е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада.
Оставката на премиерот, пак, повлекува оставка на целата Влада што треба да биде констатирана од Собранието, но тој останува да ја врши должноста до изборот на новиот владин состав.
Според член 219 од Деловникот на Собранието „оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката“.
Во член 220 понатаму се вели дека „Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата“.
Претседателот на државата во рамките на уставниот рок од десет дена по извршени консултации треба да го додели мандатот за состав на Влада на партијата или партиите кои што имаат мнозинство во Собранието.
Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.