ДУИ соопшти дека на влезната табла на мегапаркот „Бутелска оаза“ во општина Бутел е поставен натпис и на албански јазик, покрај македонскиот. Од партијата тврдат дека тоа го направиле граѓани, а не Општина Бутел или Град Скопје, поради непостапувањето на надлежните институции.
На денешната прес-конференција пред паркот, претставници на ДУИ потсетија на јавната дебата што се отвори поради отсуството на натпис на албански јазик на името на паркот.
Од партијата наведоа дека во изминатиот период реагирале преку медиумите, социјалните мрежи, на седниците на Советот на Општина Бутел, како и со барања до Инспекторатот за употреба на јазиците, но институциите не одговориле на нивните укажувања за почитување на Законот за употреба на јазиците.
„Затоа, граѓаните одлучија да преземат конкретен чекор: на таблата на мегапаркот во Бутел да го постават и натписот на албански јазик. Со овој чин не само што се исполнува законска обврска, туку истовремено се овозможува албанските граѓани во овој јавен простор да читаат и на својот мајчин јазик, што за нив претставува и гордост“, соопштија од ДУИ.
Од партијата сметаат дека ова требало да го направат Општина Бутел и Град Скопје уште при поставувањето на таблата, без да се создаваат дополнителни тензии.
„И тука се поставува едно едноставно прашање: Зошто требаше да се создаде целата оваа ситуација? Зошто требаше да се дојде до ваков чекор, кога сè можеше да се реши на наједноставен институционален начин, без поттикнување поделби, без дискриминација и без повредување на чувствата на кој било граѓанин?“, прашаа од ДУИ.
Тие нагласија дека почитувањето на албанскиот јазик не одзема ништо од никого, туку придонесува за еднаквост, почитување и спроведување на законите.
Од ДУИ побараа одговорност од институциите и надлежните лица за непостапувањето, повикувајќи се на Законот за употреба на јазиците.
„Во оваа пригода потсетуваме на член 1 став 3 од Законот за употреба на јазиците, со кој се утврдува дека во единиците на локалната самоуправа, јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик“, наведоа од партијата.
Дополнително, се повикаа и на членот 16 од Законот, за кој посочија дека предвидува употреба на двата јазика при именувањето на улиците, плоштадите, парковите, мостовите и другите инфраструктурни објекти.
ДУИ ги прозва градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, со оценка дека таблата требало уште од почетокот да биде поставена на македонски и албански јазик.
„Ова е таблата што ги почитува законот, еднаквоста и граѓаните. А не онаа што вие ја поставивте и промовиравте, заобиколувајќи го албанскиот јазик. Земете ја оваа табла како пример за сите ваши идни постапки, бидејќи почитувањето на албанскиот јазик е законска обврска. Почитта не се докажува со зборови, туку со дела. Вака се докажува почитта кон соживотот, Дарко!“, порачаа од ДУИ.
