Демократската унија за интеграција (ДУИ) обвини дека продолжува практиката на недоволна застапеност на Албанците во државните институции, посочувајќи дека за првпат од основањето на Воената академија во 1995 година, не е примен ниту еден албански кадет.
Од партијата ја обвинуваат коалицијата ВЛЕН дека не ги исполнува ветувањата за соодветна застапеност на Албанците и бараат одговорност од владините партнери.
Според ДУИ, овој случај отвора сериозни прашања за улогата на ВЛЕН во институциите и за реалното спроведување на принципот на правична и соодветна застапеност. Од партијата нагласуваат дека застапеноста не треба да остане само декларативно заложена, туку да биде видлива во функционирањето на државните институции.
„Одговорноста не може да се сведе само на ВЛЕН. Владата треба да разбере дека довербата меѓу политичките партнери не се гради преку декларации, туку преку почитување на еднаквоста, застапеноста и политичките договори“, наведуваат од ДУИ.
Од партијата оценуваат дека ваквите случаи го нарушуваат духот на Охридскиот рамковен договор, го ослабуваат принципот на правична и соодветна застапеност и создаваат дополнителни ризици за меѓуетничките односи.
ДУИ бара од ВЛЕН да објасни зошто нема албански кадети меѓу примените во Воената академија, потсетувајќи дека застапеноста не е привилегија, туку принцип што не смее да биде предмет на политички калкулации.
