ДУИ го обвинува премиерот Христијан Мицкоски дека со изјавите за високото образование на албански јазик поттикнува меѓуетнички тензии и ги доведува во прашање правата загарантирани со Уставот и законите.
Во партиското соопштение се наведува дека во важечкиот Устав не постои одредба со која се забранува високото образование на албански јазик, туку дека ова право е загарантирано со законодавството.
„Неговата последна изјава, дека високото образование на албански јазик наводно било имплант, е уште еден доказ за неговиот исклучувачки пристап“, велат од ДУИ.
Од партијата потсетуваат дека ВМРО-ДПМНЕ во својата програма, која е дел и од владината програма, најавила укинување на Балансерот. Според ДУИ, потоа Уставниот суд се нашол во центарот на процесот што довел до негово укинување, со што бил отворен патот за повреда на принципот на правична и соодветна застапеност.
ДУИ ги споменува и укинувањето на имињата на улиците и плоштадите во Тетово, иницијативите за укинување на Законот за употреба на јазиците, како и исклучувањето на дијаспората од пресметката при утврдувањето на бројот на советници во општините со претежно албанско население.
„Со ваквиот пристап, Северна Македонија се оддалечува од принципите на соживот, еднаквост и договор врз кои е изграден нејзиниот уставен поредок“, наведуваат од ДУИ.
Од партијата го повикуваат Мицкоски да се откаже од, како што ја оценуваат, исклучувачката реторика и да ги почитува Уставот и законите.
Воедно, бараат Вреди јавно да се огради од политиките на Владата и да ја напушти владината коалиција.
„Во спротивно, ќе биде соавтор и соучесник во овие исклучувачки, поттикнувачки и деградирачки политики“, порачуваат од ДУИ.
