Демонстрантите кои се собраа на Плоштадот на Република во Љубљана маршираа по улиците против владините мерки предизвикани од коронавирусот.
Полицијата им се спротивстави со водени топови и солзавец, а кратко потоа, протестите беа прекинати, но демонстрантите се раштркаа по помалите улици, а полицијата продолжи да следи се од воздух, односно од хеликоптери што летаат над пошироката област на центарот на словенечката престолнина.
Na #protest v središču Ljubljane uporabljen vodni top in solzivec! @24UR @24ur_com pic.twitter.com/G6Fk9LuKaq
— Tina Hacler (@TinaHacler) October 5, 2021
„Ги повикуваме сите мирно да ја напуштат областа на центарот на Љубљана и да ги следат упатствата и наредбите“, соопшти полицијата.
Демонстрантите нагласија дека ова е протест против условите на ДСП (вакцинирани, прележани, тестирани) и против владата предводена од Јанез Јанша.
Со повеќе од еден час задоцнување, организаторите ги започнаа своите говори, а како причина за одложувањето наведоа дека уште триесетина автобуси ги чекаат учесниците на собирот, но полицијата не им дозволи да поминат. Полицијата кажа дека нема запрено автобус.
По полициската офанзива, демонстрантите се вратија на плоштадот Република, но во помал број.
Инаку, во светло на најавата за нов масовен протест против владините мерки во Љубљана, пред самитот ЕУ-Западен Балкан, кој започнува утре, словенечката влада за првпат го активираше членот 9 од Законот за полициски должности и овластувања во историјата на независноста.
Ова значи дека полицајците ќе ги предупредат луѓето што излегуваат на протест, а во случај на непочитување на упатствата, можат да употребат сила. Ова значи дека се е исто како и досега, освен што во овој случај не е потребно претходно насилство за преземање полициска акција.
Организаторот на протестот против епидемиолошките мерки веќе најави дека ќе поднесе жалба до Уставниот суд поради одлуката која, како што велат, е „незаконска и неуставна“.