Љубе Бошкоски доби 12 години затвор за помагање убиство, при што настана драма во целата судница.
Бошкоски му се обрати на судијата: Кај ги виде доказите, колку те платија за да пресудиш вака, бандо криминална. Ти ќе седнаш на ова место, наместо мене еден ден.
Судијата Илија Трпков пред да ја каже пресудата, долго време образложуваше, дека имало докази иако одбраната не виде никакви докази посебно во делот дека Љубе Бошкоски го помагал убиството.
Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ како извршители на убиството добија доживотен затвор. Зоран Трајковски доби 10 години, Ивица Ристиќ и Сашо Јовановски по осум години, Никола Негриевски и Гоце Митровски по шест години.
Извршителите на убиството, судот не ги обезбеди и тие се на слобода, а ваквата пресуда Љубе Бошкоски ја најави уште кога беше на слобода на пресконференција, кога тврдеше дека власта му монтира процес со кој сака доживотно да го осуди. Подоцна од зад решетки, соочен со тужби за клевета, мораше да се извини.
Според судската одлука Марјан Тушевски и Киро Јанев биле убиени од Орце Коруновски, поради нивната нетрпеливост и конкуренција за профитирање. Единствената врска помеѓу Бошкоски и Коруновски ја посочи заштитениот сведок, кој кажа дека еднаш го однел Коруновски во куќата на Бошкоски, но не знаеше дали екс министерот бил внатре и за што разговарале.
Единственото нешто што го кажа е дека Коруновски му пренел дека имаат зелено светло да го убијат Тушевски.
Бошкоски моментално се наоѓа во затворот „Идризово“ на издржување на затворската казна за нелегално финансирање на изборната кампања досудена за изборите во 2011. година.