Петчлениот Жалбен совет на Хашкиот трибунал утре ќе му ја изрече правосилната пресуда на поранешниот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, за извршени воени злосторства во БиХ.
Главниот обвинител на Судот во Хаг, Серж Брамерц, непосредно пред утрешното изрекувањето на правосилната пресудата за Ратко Младиќ изјави дека очекува да му биде потврдена казната доживотен затвор, но предупреди на растечкиот проблем за негирање на природата на воените злосторства во Босна и Херцеговина, особено геноцидот во Сребреница.
– Оптимисти сме дека успеавме да ги убедиме судиите на Жалбениот совет да ја потврдат првостепената пресуда, истакна Брамерц за јавниот сервис БХ Радио 1.
Младиќ е прогласен за виновен за најтешки воени злосторства, вклучително и за геноцидот извршен во Сребреница, но советот на Трибуналот ги отфрли обвинувањата дека тој е одговорен и за геноцидот извршен во уште пет општини во Босна и Херцеговина во 1992 година, како што е Приједор, каде што силите на босанските Срби го протераа и убија речиси целото хрватско и бошњачко население.
Брамерц е убеден дека казната доживотен затвор ќе биде потврдена, но тој предупреди дека и потоа ќе остане проблемот кој го создаваат обидите за оспорување на судски докажани факти и релативизирање на злосторствата.