Поранешниот премиер на Италија Силвио Берлускони сакал да стави крај на граѓанската војна во Либија во 2011 година со тајна операција за убиство на Муамер Гадафи, изјави денеска висок дипломатски претставник, јави ДПА.
Гадафи беше убиен од бунтовниците во октомври 2011 година со што беше ставен крај на бунтот против неговиот режим на либиската опозиција, поддржана од воздушните сили на НАТО.
– Имавме премиер за време на либиската криза, кој зборувајќи за Гадафи, ги запраша тајните служби „Зошто не го убите?“, изјави претставникот близок до круговите од областа на националната безбедност.
Таквите тврдења се појавија и во весникот „Фато куотидиано“. Весникот објави интервју со поранешниот министер за одбрана од времето на Берлускони Игнацио Ла Руса, во кое тој истакнува дека таквата можност не е исклучена.
– Берлускони беше загрижен за својата позиција, бидејќи го сметаа за близок до либискиот лидер, изјави Ла Руса.
Портпаролот на Берлускони Паоло Банајоти сепак ги отфрли ваквите информации.