Претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО – ДПМНЕ, Александар Пандов смета дека има политичка заднина неговото синоќешно приведување откако беше затекнат во кафеана по истекот на работното време. За „А1он“ вели дека е подготвен да ја плати казната иако тврди дека излегол од кафеаната кусо после 21 часот, кога завршува работното време, а додека седел внатре никој не ги предупредил дека треба да го напуштат локалот.
„Сигурно некој јави дека политичар седи во кафеаната. Нема проблем, ќе си ја преземем одговорноста. Ние го славевме пензионирањето на Неделковски. Имавме резервирано две маси и се беше според протокол. Кога излегов надвор имаше еден куп полиција со марици како кој знае што да се случува“, вели Пандов и објаснува дека ги однеле во полициската станица Гази Баба, а полицајците се однесувале многу коректно.
Тој потврди дека на прославата биле и разрешениот судија и поранешен претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски и Александар Митовски од „Инфомакс“. Тие се меѓу осумнаесеттемина приведени од кафеаната „Кај Џустра“ во скопско Стајковци затекнати како се забавуваат по истекот на работното време.
Полицијата соопшти дека во локалот стигнале во 22.30 часот заедно со инспекторите од Државниот пазарен инспекторат. Од Инспекторатот за „А1он“ изјавија дека не постапувале по дојава туку биле во вообичаена обиколка на угостителските објекти, каква што прават изминативе 11 месеци додека трае пандемијата и на сила се мерки за заштита на населението од коронавирусот. Од кафеаната во Стајковци и покрај истеченото работно време се слушала гласна музика, а дел од гостите почнале да бегаат кога ја забележале полицијата.
Кафеаната е испразнета и затворена. Инспекторите изрекле казна забрана за вршење дејност до 30 дена, а следуваат глоби за непочитувањето на протоколи за работа во време на пандемија за правното лице и за одговорното лице во правното лице.